Видео

5 септември, 2018

Тамара со песна порача: „Довидување таго!“

По пауза од цели три години од објавувањето на својот втор студиски албум „Еден ден“, Тамара Тодевска конечно нè израдува со нова песна. Посветена на нејзината ќеркичка Хана, темата насловена „Довидување таго“ денеска стигна во комплет со екранизација, што одлично ги дополнува оптимистичните стихови на Игор Џамбазов и врвната музика и продукција на Роберт Билбилов, кој се погрижи и овој хит да ни станува сè поубав со секое слушање.

Идиличната визуализација, пак, која се снимаше во Грција, и тоа во мошне предизвикувачки временски услови, е дело на маестро Чедо Поповски. „Дуваше толку силен ветер што ми дуваше уште три дена во главата. Покрај тоа, ни чамецот не ни палеше да се вратиме од местото каде снимавме, до нашите сместувалишта, но задоволството направи од тоа ништо да не е важно“, откри Тамара.

Иако екипата доста се помачила, крајниот резултат е доказ дека сета мака вредела, а дали новата песна ќе го повтори успехот на ултрапопуларната „Тажна љубов, среќна песна“, останува да каже публиката.

„Крајот на оваа приказна ќе го раскажете вие, кога ќе ја слушнете и видите ’Довидување таго’. Едвај чекам“, рече пејачката најавувајќи го новиот сингл, а како изгледа и звучи сето тоа, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑