Концерт Tamara Poster Koncert

26 јуни, 2013

Тамара со нов сингл и концерт во Колосеум

По баладата која го одбележа последното издание на „Макфест“, „Готово е“ и одличниот настап на реномираниот „Скопски фестивал“ со „Залудно е“, следно од секогаш енергичната Тамара Тодевска е исто толку енергична песна.

Со брз и остар ритам, „Само сакам да“ е дело на композиторот и продуцент Бертан Аслани, додека пак за текстот на новата песна се потпиша познатиот рапер Тони Зен. За новата песна е снимен и видео запис, кој за неколку дена ќе ѝ биде презентиран на јавноста. Како и за „Залудно е“, таа повторно соработуваше со режисерот Владимир Дади Ивановски, кој потенцираше дека најмногу внимание му е посветено на квалитетната и врвна фотографија, како и интересните костими на Ивана Књез и Мила Кадриу и шминката на Арменд Рамадани.

Со „Само сакам да“, ексклузивката на Горила продукција го најавува нејзиниот следен албум. А по тој повод, во сабота, 6-ти јули, во летната дискотека „Колосеум“, Тамара во друштво на повеќе од 8 музичари кои ќе ја придружуваат на сцената, ќе ја потсети публиката на нејзините најголеми хитови, како и неколку нови музички проекти.

На овој концерт како специјални гости ќе се појават нејзините долгогодишни пријатели и соработници: Тони Зен, Влатко Илиевски и Роберт Билбилов. Влезниците за концертот по промотивна цена од 200 денари, веќе се пуштени во препродажба во Југотон, Камарад Растор, Цвеќара Розе Веро 2, како и сите продажни места на МК – Тикетс. На врата влезниците ќе чинат 250 денари.



Врати се горе ↑