Македонија

11 јуни, 2019

Тамара прогласена за најдобра уметница на евровизиското радио

Освен што запиша нов историски успех во нашата евровизиска историја, освојувајќи го првото место од жиријата и седмото место во финалето на „Евровизија 2019“, Тамара Тодевска и понатаму продолжува да реди успеси. Имено, слушателите на евровизиското радио (ESC Radio) Тамара ја прогласија за најдобра уметница (или најдобар женски изведувач), а „Proud“ за петтата најдобра песна на годинашниов фестивал.

Гласањето се одвивало од 1 до 10 јуни, а целосната одлука била во рацете на слушателите и следбениците на фестивалот од целиот свет. Без изненадување, за најдобра песна е прогласена победничката „Arcade“ од Холанѓанецот Данкан Лоренс, најдобар уметник (машки изведувач) е швајцарскиот претставник Лука Хани, чиј хит „She Got Me“ е изгласан за трета најдобра песна на оваа листа, а Норвежаните „Кеино“, кои во финалето добија најголема поддршка од публиката, се прогласени за најдобра група и нивниот хит „Spirit In The Sky“ овде е на второто место.

Тамара е првата македонска пејачка што освоила ваква награда, а со освоени 23,3% од гласовите, зад себе ги оставила австралиската претставничка Кејт Милер-Хајдке и кипарската претставничка Тамта. Честитки!

 

 

Извор и фотографии: escradio.com



Врати се горе ↑