Македонија

22 мај, 2019

Тамара не е осма, туку седма во финалето на „Евровизија 2019“!

Изминативе неколку дена сите се радуваме за огромниот успех и новиот рекорд што го постави Тамара Тодевска на „Евровизија 2019“, освојувајќи го досега највисокото 8. место во финалето. Но, радоста штотуку стана уште поголема бидејќи заради неправилности во гласањето на белоруското жири, Proud“ е всушност победничката песна според жирито и седма според вкупните резултати (жири и публика)!

Имено, како што соопштија од ЕБУ, гласовите од белоруското жири беа отфрлени, односно поправени, бидејќи наместо нивните резултати од финалето, тие ги пратиле гласовите од првото полуфинале, што е спротивно на правилата на фестивалот. Со цел да се исправат неправдите, ЕБУ создаде агрегиран резултат (со пресметки врз основа на резултатите од другите земји со слични гласања), а сето тоа беше одобрено од надгледувачите на гласачкиот процес „Ернст и Јанг“.

Каква прекрасна вест. ЕБУ само што потврди дека поради грешка во Белоруското гласање, нашата земја е всушност прва од…

Gepostet von Tamara Todevska am Mittwoch, 22. Mai 2019

 

„ЕБУ може да потврди, согласно стандардните практики за ревизија, дека заради човечка грешка беа откриени неправилности во гласањето. Ова нема никакво влијание врз пресметката на поените од телефонското гласање на гледачите во 41 земја, така што победникот и четирите највисоко пласирани песни остануваат исти. Од почит кон уметниците и членките на Унијата што зедоа учество на фестивалот, би сакале да ги коригираме финалните резултати согласно правилата на фестивалот“, пишува во соопштението од Европската Радиодифузна Унија.

Според поправените резултати, од шесто на петто место се искачи Шведска, заменувајќи се со Норвешка, која слезе од петто на шесто место. Истото го направија и нашата Тамара со Чингиз од Азербејџан, односно таа од осмо се искачи на седмо место, а тој од седмо слезе на осмо место. Различен пласман сега имаат и Србија и Албанија, кои исто така си ги променија местата (Србија слезе од 17. на 18. место, а Албанија се искачи од 18. на 17. место). Малта и Кипар се искачија за дури две места, а Словенија и Франција паднаа две места подолу, додека Германија од 24. место падна на претпоследното 25. место. Старите и новите резултати ги имате за споредба во продолжение:

 



Врати се горе ↑