Македонија

15 мај, 2019

Тамара меѓу потенцијалните евровизиски победници според „Билборд“

Песната „Proud“, со која Тамара Тодевска ги брани боите на нашата земја на „Евровизија 2019“, е меѓу 12-те потенцијални победнички композиции на годинашниов фестивал според престижниот „Билборд“.

„Ова славење на жената во екот на движењето #MeToo би требало да допре до многу гледачи и потенцијални гласачи, како и до професионалните жирија“, пишува познатото американско списание за нашата песна, а меѓу останатите потенцијални победници се најдоа и Чешка, Франција, Малта, Австралија, Русија, Азербејџан, Норвешка, Италија, Швајцарија, Шведска и, секако, најголемиот фаворит во изминативе два месеца – Холандија.

Како што можевме да забележиме вчера, предвидувањата на обложувалниците беа доста точни, погодувајќи осум од десетте финалисти што добија најголема поддршка на првата полуфинална вечер, а утревечер ќе ги дознаеме и последните десет, меѓу кои се надеваме дека ќе биде и нашата Тамара. Пред утрешниот главен настан, во чии рамки ќе гласа публиката, пејачката вечерва ќе даде сè од себе да ја добие поддршката и од националните жирија што гласаат за време на генералната проба.

Нивните гласови претставуваат 50% од вкупниот резултат, а останатите ќе ги добиеме утревечер од телефонското гласање. Освен земјите што се натпреваруваат во оваа полуфинална вечер, можност да гласаат имаат и Германија, Италија и Обединетото кралство. Директниот пренос и од ова полуфинале ќе можеме да го проследиме на МРТ1 и онлајн на евровизискиот канал на Јутјуб со почеток од 21.00 часот. Тамара настапува под реден број 17. Среќно!



Врати се горе ↑