Македонија

7 март, 2019

Тамара ќе нè претставува како Северна Македонија

И официјално, Тамара Тодевска ќе биде првата претставничка што ќе ја претставува нашата земја под новото име Северна Македонија, кое ќе ја замени досегашната долгогодишна референца БЈРМ, потврди Европската радиодифузна унија. Популарната пејачка, која досега трипати била дел од нашите евровизиски тимови во 2004, 2008 и во 2014, во Тел Авив ќе се натпреварува во втората полуфинална вечер на 16 мај со темата „Proud“, чија премиера е закажана за утре, 8 март.

Тодевска воедно е и 19. македонска претставничка на овој фестивал, каде што најдобриот пласман досега го има постигнато Елена Ристеска со 12. место во финалето во 2006, а последен пат пласман за финалето обезбеди Калиопи во 2012, освојувајќи го 13. место.

На годинашната евровизиска песна „Proud“ работеше тим составен од едни од најдобрите македонски автори – Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на познатиот писател Коста Петров. Како што беше соопштено неодамна, песната се подготвува како целосно осмислен концепт и ќе биде претставена како комплетен пакет, а како ќе изгледа и звучи „Proud“ ќе дознаеме утревечер во главниот дневник на МРТ 1 во 19.30 часот.



Врати се горе ↑