Македонија

26 март, 2019

Тамара ја снима евровизиската разгледница во Тел Авив

Нашата евровизиска претставничка Тамара Тодевска веќе пристигна во Тел Авив, каде што во мај ќе се одржува 64. издание на популарниот фестивал, а токму деновиве се снимаат и евровизиските разгледници што ќе бидат прикажани пред самите настапи на изведувачите.

Имајќи предвид дека овој медитерански град изобилува и со модерни и со историски градби и локалитети, како што е стариот град Јафа, но и бројните песочни плажи покрај Средоземното море, сигурни сме дека разгледниците ќе бидат и повеќе од интересни.

Тодевска, чија песна „Proud“ и понатаму добива бројни позитивни реакции од евровизиската публика, сподели неколку фотографии и куси видеа од егзотичниот израелски град, а како ќе изгледа нејзината евровизиска разгледница ќе дознаеме на 16 мај.

На тој датум, во рамките на втората полуфинална вечер, Тамара ќе настапи со придружните вокали Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев. Вообичаено, во пресрет на главниот настан, низ Европа се одржуваат повеќе предевровизиски забави, во чии рамки претставниците ги промовираат своите песни, а македонските изведувачи често се дел од ваквите манифестации. Каде и кога ќе се промовира „Proud“ очекуваме да дознаеме наскоро.

Уште еден новитет поврзан со пејачката е и штотуку освоена награда „Стори“, која ја доби за најдобро видео за темата „Довидување таго“, а во нејзино име ја подигна токму авторот на стиховите на евровизиската „Proud“ – писателот Коста Петров.



Врати се горе ↑