Македонија

30 мај, 2019

Тамара и евровизискиот тим на прием кај премиерот Заев

Нашата годинашна евровизиска претставничка Тамара Тодевска и нејзниот тим беа на прием кај премиерот Зоран Заев, кој им додели признание на постигнатиот успех на популарниот европски фестивал, каде што пејачката го освои првото место од националните жирија и се пласираше на досега највисокото седмо место во финалето.

„Премиерот Заев во свое име, во име на Владата, како и во име на граѓаните на нашата земја ѝ се заблагодари на Тамара Тодевска и на целата екипа за гордоста што им ја приредија на граѓаните со извонредниот настап и со огромниот успех што го постигнаа со песната „Горда“ (Proud). Во таа чест, премиерот Заев на Тамара и на тимот им додели плакета како знак за признание за историското прво место, како резултат на гласањето на стручното жири на најгледаната манифестација на популарната музика во светот – Евросонг 2019 во Тел Авив, Израел, за композицијата „Горда“ (Proud), која ја направи нашата земја главна тема на евровизиското музичко шоу што го гледаа 200 милиони гледачи“, пишува во соопштението на Владата.

„Огромно благодарам за Тамара Тодевска и целиот тим за гордоста што ни ја приредивте на сите граѓани со огромниот успех што го постигнавте со #Proud на Евровизија 2019 во Израел. Вие станавте херои и силен глас за гордоста со која девојките и жените се борат за остварување на своите права“, напиша Заев на Фејсбук.

Тамара и целиот авторски и сценски тим се заблагодарија за поддршката и ги пренесоа силните впечатоци и возбудувања од нивниот настап на „Евровизија 2019“, и истакнаа дека огромната поддршка што ја имаа за цело време пред и за време на финалната вечер, беше дополнителна мотивација и охрабрување за беспрекорниот настап и за големиот успех на целиот тим.



Врати се горе ↑