4 јули, 2013

Тамара го претстави новиот видео запис

На само два дена пред големиот концерт во летната дискотека „Колосеум“, Тамара Тодевска на денешната промоција во кафулето „Кала“ ги пречека пријателите, колегите, новинарите и обожавателите на кафе и дружба, како и промоција на нејзиниот најнов видео запис. Со брз и остар ритам, „Само сакам да“ е дело на композиторот и продуцент Бертан Аслани, додека пак за текстот на новата песна се потпиша познатиот рапер Тони Зен. Како и за „Залудно е“, ексклузивката на Горила продукција повторно соработуваше со режисерот Владимир Дади Ивановски.

„Со Тамара соработуваме одамна, не само на видео записите и затоа доволно сум опуштен да ги тестирам границите на креативноста и сè она што може да го изработиме заедно“ – вели режисерот Владимир Дади Ивановски.

Во спотот, кој се снимаше во салата на „Сити хол“, најмногу внимание му е посветено на квалитетната и врвна фотографија и во него преку интересните костими на Ивана Књез и Мила Кадриу, како и шминката на Арменд Рамадани, се изразува уште една дива и ексцентрична страна на Тамара.

Со „Само сакам да“, ексклузивката на Горила продукција го најавува нејзиниот следен албум, а веќе во сабота, 6-ти јули, во летната дискотека „Колосеум“, Тамара во друштво на повеќе од 8 музичари кои ќе ја придружуваат на сцената, ќе ја потсети публиката на нејзините најголеми хитови, како и сите нови музички проекти. На големиот солистички концерт кој како специјални гости ќе се појават нејзините долгогодишни пријатели и соработници: Тони Зен, Влатко Илиевски и Роберт Билбилов.



Врати се горе ↑