Македонија

11 септември, 2018

Тамара ги откри деталите за новиот албум

Откако по пауза од три години се врати на сцената со одличната „Довидување таго“, Тамара Тодевска воедно го најави и својот трет студиски албум што ќе го наследи изданието „Еден ден“ (2015), каде што ги смести хитовите „Тажна љубов, среќна песна“, „Готово е“, „Тешко без тебе“… Гостувајќи во емисијата „Ексклузив“ на 1тв, пејачката откри неколку детали околу претстојниот проект, чиј материјал е веќе во подготовка.

„Во ваква работа, барем јас не сакам да брзам. Не сакам да избрзувам и со одлуки и со песни, мислам, нејќам да ги ’штанцам’ песните“, рече Тамара, додавајќи дека нема повторно да направи пауза од три години, иако е во седмиот месец од бременоста. „Со Хана кога се породив, по два месеца почнав со работа, со настапи, немав никаков проблем, така што мислам дека и оваа бременост исто ќе ми помине, па догодина се гледаме со нешто ново“, дополни таа.

Фотографија на Tamara Todevska.

„Албумот би требало да излезе до крајот на годината, ние веќе почнавме да работиме со Роберт Билбилов, со Лазар Цветкоски… Здравје Боже, октомври-ноември догодина ќе излезе албумот, дотогаш ќе излезе уште еден сингл, а подготвуваме и една преработка на една стара македонска забавна нумера, сè уште сме во преговори со авторите и со осмислување на сето тоа како ќе се извизуализира и како ќе звучи“, објасни Тамара.

Исто така, таа откри и дека во план е соработка со колешката Туна, со која своевремено ја отпеа „Љуби, љуби“, сместена на првенчето „Сино“ (2004), а ја чека и вистинската песна за дует со сестра си Тијана. Целиот разговор погледнете го овде, а во продолжение уживајте со дуетот со Туна!



Врати се горе ↑