Македонија

6 јули, 2019

Тамара ги откажа концертите во Охрид и Прилеп

Само неколку дена откако беа најавени гостувањето на годинашниот „Пивофест“ во Прилеп и самостојниот концерт во Охрид, Тамара Тодевска ги откажа двата настапи. Имено, пејачката на 3 јули беше поканета да ја отпее македонската химна на свеченост по повод Денот на независноста на САД, но изведбата на постарата и скратена верзија наиде на негативни и бурни реакции кај јавноста.

Годинашната евровизиска претставничка се извини преку социјалните мрежи, со образложение дека грешката била ненамерна. Сепак, негативните коментари не стивнаа, и покрај тоа што и на претходни настани ја имала отпеано истата верзија, а тоа го имаат направено и други изведувачи, но овој пат веројатно пресуден беше лошиот тајминг и актуелните политички случувања што дополнително ја вжештија атмосферата.

Почитувани, очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната прерасна во вистински пекол за мене и моето семејство….

Gepostet von Tamara Todevska am Freitag, 5. Juli 2019

 

„Почитувани, очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната прерасна во вистински пекол за мене и моето семејство. Со оглед на тоа што не сакам да придонесувам за зголемување на нашата агонија како семејство и во интерес на смирување на целата ситуација која излезе вон контрола, решив да ги откажам концертите во Прилеп и Охрид. Се надевам дека оваа моја грешка, повторувам грешка, ќе успеете да ја надминете и дека ќе најдете начин да разберете дека е повеќе од ненамерна. Би сакала да се заблагодарам на сите што беа покрај мене во овие тешки мигови. Ниту сум била ниту ќе бидам дел од нечии политички игри, моето семејство е мој број еден приоритет и нивниот мир е на прво место при секој избор“, напиша таа.

„Денес на Македонија“ во 1941 година ја напишал Владо Малески, а музиката ја направил Тодор Скаловски (музика). Како химна на Македонија е усвоена после Втората светска војна во 1944 година. Првата верзија ја отпеале доајените на македонската народна песна Васка Илиева, Никола Бадев и Александар Сариевски, а токму во неа се и стиховите „старо, младо, машко и женско на нозе се кренало“. Песната има претрпено неколку промени низ годините, а последната и актуелна верзија е усвоена во 1992 година, по осамостојувањето на Република Македонија.

Истата во изведба на Тамара Тодевска на минатогодишната прослава на 8 Септември можете да ја слушнете во продолжение.

И.Ј.



Врати се горе ↑