Македонија TIJANA_TO_THE_SKY_GALLERY

22 март, 2014

Тамара, Диме и Пере заедно со Тијана на Евровизија

Додека го очекуваме видео записот за македонската евровизиска песна „Таму кај што припаѓам/To The Sky“, кој ќе се снима идната недела, полека се откриваат детали за настапот во Копенхаген. Како што е познато, нашата претставничка за годинава е Тијана Дапчевиќ, а веќе се дозна и кој ќе ја придружува на големата евровизиска сцена. Имено, шефицата на македонската делегација, Мери Попова, открива дека покрај Дапчевиќ на сцената ќе застанат уште три македонски ѕвезди – нејзината сестра Тамара Тодевска, Никола Перевски Пере од групата Нокаут и Димитар Андоновски, како и еден танчер.

Веќе извесно време се знаеше дека Тамара ќе биде придружен вокал, а ова ќе биде трето евровизиско искуство за неа; нејзиниот прв настап на евровизиската сцена беше во 2004 година во Истанбул кога беше еден од придружните вокали на нашиот легендарен Тоше Проески, изведувајќи ја песната „Ангел си ти“, односно „Life“, додека вториот пат во 2008 година во Белград Тамара настапи како главен изведувач заедно со Раде Врчаковски Врчак и Адриан Гаџа со песната „Let Me Love You/Во име на љубовта“.

Едно евровизиско искуство има и Никола Перевски Пере кој како коавтор и придружен вокал настапи заедно со Каролина Гочева изведувајќи ја песната „Од нас зависи“ во 2002 година во Талин, Естонија.  За  Димитар  Андоновски ова ќе  биде  прв  предизвик од  ваков карактер со кој ќе треба да се соочи.

Тијана неодамна ја започна евровизиската кампања и деновиве направи фотосесија на која е прикажана во лежерен, спортски стил и, како што вели, концептот е „помалку е повеќе“ или едноставно е поубаво: „Да се даде акцент на песната, да се даде акцент на многу други ситуации кои ја следат песната и, секако, на мене. Не се шегувам кога велам дека таму навистина треба да бидам убава, да се смеам и убаво да пеам. Имам тим околу себе кој ќе се погрижи за сè и затоа сум опуштена. Тимот го одбрав, тоа се докажани, познати и признати познавачи на Евросонг, луѓе кои досега неколку пати биле на настанот. За фризурата ќе се погрижи Ивана Ребреновиќ од Белград, а за шминка ќе биде задолжен Зоран Шурбевски. ‘Фешн груп’ ќе ме облече во Копенхаген, освен на сцената. За гардеробата за настапот сè уште се договара“ – изјави Тијана за Вест, која по снимањето на видео записот ќе замине на промотивна турнеја во Холандија, Англија, Словенија и во други држави.

Инаку, веќе се познати сите евровизиски песни за претстојното 59-то издание на Евровизија кое ќе се одржи од 6-10 мај, а според обложувалниците најголем фаворит за победа е Ерменија, односно темата „Not Alone“ од Арам Мп3. Тијана ќе настапи во втората полуфинална вечер на 8-ми мај.



Врати се горе ↑