Видео

13 мај, 2019

Тамара блесна на портокаловиот килим во Тел Авив

На плоштадот Хабима во Тел Авив вчера и официјално беше отворено 64. издание на „Евровизија“, а делегациите на 41 земја продефилираа на портокаловиот килим, каде што имаа можност да се дружат и да разговараат со бројните новинари од цела Европа. Меѓу нив беше и македонската делегација на чело со нашата претставничка Тамара Тодевска, која блесна на портокаловиот килим во елегантно издание, облечена во креација на Александар Ношпал, креаторот задолжен и за смарагдно-зелениот фустан што ќе го носи за време на настапот.

Пејачката изгледаше како холивудска ѕвезда, со собрана коса и очила за сонце, а прекрасно изгледаа придружните вокали Александра Јанева, Васил Гарванлиев и Антонија Гиговска, како и авторите Роберт Билбилов и Коста Петров и стилистот Арменд Рамадани.

После двете проби минатата недела, следното застанување на евровизиската сцена ќе биде во среда, за двете генерални проби, од кои втората ќе биде пресудна за гласовите од жиријата, односно 50% од вкупниот резултат. В четврток, на 16 мај, целата полуфинална вечер ќе ја гледаме и ние, а Тамара настапува под реден број 17, па на крајот од вечерта ќе дознаеме и дали продолжуваме во финале.

Во рамките на вчерашното свечено отворање, чиј пренос траеше четири часа, делегациите се собраа и во аудиториумот „Чарлс Бронфман“, каде што настапи и израелската победничка од 1998 година, како и акапела-групата „Вока пипл“, која пред некоја година имавме можност да ја видиме и кај нас на „Охридско лето“, а вчера изведоа одличен сплет на повеќе победнички песни од фестивалот. Доколку го пропуштивте директниот пренос од манифестацијата, истиот можете да го погледнете овде (Тамара и екипата се појавуваат на 2 часот и 51 минута).

 

Како што споменавме, првата полуфинална вечер нè очекува утревечер (вторник, 14 мај), а настапите на вкупно 17 претставници ќе имаме можност да ги проследиме на МРТ1, како и на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб со почеток од 21.00 часот.

И.Ј.



Врати се горе ↑