Настани cf3b3168-2b2b-4d7f-b1fe-f440c05181d6

6 декември, 2014

„Таксират“ во недела ве пречекува на големото финале!

Бината е веќе поставена, музичарите во последните подготовки пред пристигнувањето, интересот огромен, а атмосферата е веќе загреана! Во Скопје овој викенд почнува финалната прослава на „Таксират“ со единственото и крајно несекојдневно фестивалско доживување!

Конечно ги одбројуваме последните часови пред официјалното отворање на главната вечер на „ТАКСИРАТ“ ФЕСТИВАЛ кој во недела на 7 декември во „Метрополис Арена“ ќе го прослави своето 16. издание. Вратите на фестивалот ќе бидат отворени од 18.00 часот и сите се добродојдени на целовечерната прослава која ќе трае повеќе од 8 часа!

Оваа година на „Таксират“ ќе имаме можност да чуеме вистински легенди кои за прв пат доаѓаат во Македонија, врвни изведувачи од земјата и регионот и нов музички проект со кој ќе биде отворен фестивалот. Конечно, по повеќе децении кариера и успеси, пред нашата публика за прв пат ќе настапат легендарниот уметник од бристолското подземје, човекот синоним за трип-хоп музиката, Трики и култната електро-поп група која ја одбележа музичката ера на поранешна Југославија, „ДЕНИС & ДЕНИС“.

 

Своите најенергични настапи досега за „Таксират“ најавија дека ги подготвуваат најлудото српско хип-хоп трио „Бед копи“ и нашите реге херои „Конкеринг лајон“. Хрватите „ЛЕТ 3“, бендот за кој ниедна најава не се важи бидејќи сè е оставено на нивниот префинет вкус за уникатен рок перформанс ветува дека фестивалот и оваа година ќе донесе нешто неочекувано.

 

Сепак, честа прв со својот настап да ги пречека „таксиратлии“ годинава му припадна на почесниот гостин на „Таксират“, директорот на реномираниот словачки фестивал „Похода“ кој овојпат доаѓа во Скопје со својот бенд „Видрапена бузирка панк систем“. Веднаш потоа во свој автентичен стил „Таксират“ го поставува гласното озвучување за бунтовниот звук на легендарниот стрит-панк состав „Џи-би-ејч“ кој од Велика Британија прв пат доаѓа во Македонија и пред „таксиратлии“. За официјалното затворање на ова осумчасовно „Таксират“ дружење, во недела ќе биде задолжен холандскиот освојувач на светските подиуми, генијалниот Сандер Ван Дорн, кој сред зимската турнеја во Америка и Азија, доаѓа во Скопје на единствениот европски настап до крајот на годинава и најави дека за овој настап подготвува сет и забава која македонската публика нема да ја заборави.

На бината во недела ги пречекуваме главните виновници за добриот провод и тоа по следниот редослед на настапи:

19.00 – Vydrapena Buzirka Punk System (Словачка)
19.45 – GBH (Велика Британија)
20.50 – CONQUERING LION (Македонија)
21.45 – DENIS & DENIS (Хрватска)
22.45 – LET 3 (Хрватска)
00.00 – TRICKY (Велика Британија)
01.05 – BAD COPY (Србија)
02.00 – SANDER VAN DOORN (Холандија)

Продолжен „таксират“ викенд!
Влезот на „Метрополис Арена“ ќе биде отворен од 18.00, програмата почнува во 19.00 и славиме 16-ти роденден сè до 4.00 часот следниот, за среќа неработен ден! Имено, многу прашања ни стигнаа со дилемата зошто „Таксират“ оваа година ќе се одржи во недела, па оние кои можеби сè уште се двоумат, ги потсетуваме дека понеделник (8 декември) ден по фестивалот е неработен ден. Опуштете се и подгответе се да го превртиме Скопје наопаку, затоа што пред нас е продолжен „Таксират“ викенд!

Побрзајте за влезниците со промотивна цена!
Доколку сте пак од оние кои допрва ќе ги набават своите влезници за големата прослава, не заборавајте дека промотивните влезници по цена од само 500 денари ќе бидат достапни до 18:00 часот во недела, а потоа истите на билетарницата на Скопски саем ќе чинат 650 денари. Во меѓувреме, сè уште е во тек и акцијата со „Џабест Таксират“ пакетот, со кој за секои 4 купени влезници добивате уште една гратис.

Повеќе информации за влезниците и продажните места можете да најдете на www.taksirat.mk и www.mktickets.mk.

Најновите вести, коментари и впечатоци се секогаш на www.facebook.com/TaksiratFestival.

Во недела (7 декември) во „Метрополис Арена“ во Скопје, ТАКСИРАТ ја прославува 16ката со повеќе од 8 часа несекојдневно шоу, позитивна забава, 8 изведувачи на едно место и програма која ретко ќе ја сретнете на друго место…

Време е за ТАКСИРАТ!



Врати се горе ↑