Настани 1472898_599433073448661_345358251_n

20 ноември, 2013

Таксират Ви го претставува: ПОРН!‏

Таксират Фестивал ви гo претставува ПОРН – бендот од калифорниското подземје кој доаѓа во Скопје заедно со Били Гоулд, басистот на американскиот состав Фејт Ноу Мор. Нивниот жесток и неконвенционален звук ќе придонесе за моќно стонер-рок искуство на претфестивалската Таксират вечер која ќе се одржи на 3-ти декември во клуб „Хавана“. Со овој концерт официјално ќе биде одбележан и стартот на петнаесеттото издание на фестивалот.

Групата PORN, претходно позната под името The Men of Porn постои од 1999 година. Зад себе имаат повеќе соработки кои резултираа со четири студиски албуми, а моменталниот состав на бендот кој ќе го видиме во Скопје е Tим Мос, Били Гоулд и  Балаж Панди. Ако сте запознаени со Порн, (мислејќи на “The Men of”), тогаш знаете дека тие постојано имаат гости во својот состав на турнеите и додека снимаат во студио. Но, „мозокот“ на бендот е постојано Тим Мос (Ritual Device). А доколку некогаш сте ги вкрстиле патиштата со музичките способности на Tim Moss, знаете дека лудиот долгобрад калифорниец мора да е водечката сила зад бендот.

PORN е всушност музички колектив од Сан Франциско чиј звук е тешко да се дефинира, туку тие повеќе претставуваат постојан пркос на музичката конвенционалност. Комбинирајќи стонер-рок, алтернативен метал и сѐ што ним им дава нова надеж за музиката, творештвото на ПОРН ги здружува тапанарот на Мелвинс и Нирвана – Дејл Кровер, почитуваниот инди басист и продуцент Били Андерсон (кој има соработувано со низа групи меѓу кои Sleep, Neurosis, Crisis), гитаристот и вокал Тим Мос, басистот на легендарните Фејт Ноу Мор – Били Гоулд, уникатниот унгарски тапанар Балаж Панди, кој покрај останатите соработки е тапанар и на несомнено едно од најзначајните имиња во ноиз музиката Мерзбоу (Merzbow) (експерименталниот музички проект на Масами Акита).

Зад себе имаат четири студиски албуми, од кои првиот „Porn American Style“ (1999) го објавија за веќе непостоечката етикета Man’s Ruin Records. Вториот „Experiments in Feedback“ се појави во 2001, па одличниот „Wine, Women and Song“ во 2004 (кој се чини неверојатно подеднакво ги здружува влијанијата на бендот од артисти како Блек Сабат (Black Sabath), преку Врв (Verve), до Орнет Колман) и последното сплит-издание „…And The Devil Makes Three“ (2008) во соработка со јапонскиот ноиз-артист Мерзбоу.

ПОРН е дело на мрачен гениј. ПОРН e подоброто решение за секој пат кога нешто ќе ве разгневи во конвенционалното секојдневие и има доволно деструктивна моќ спакувана во својата музика која ќе ви надомести за секое изложување на поп радио станиците. Концертот на PORN во Скопје ќе се одржи во клуб „Хавана“ на 3-ти декември со почеток во 21:00 часот.

Цената на билетите е 150 денари во претпродажба и 200 денари на влезот во клуб „Хавана“. Продажбата на влезниците се одвива во мрежата на МКтикетс:

 

• Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Круг Кафе Аеродром.

• Низ Македонија : ЗЗ ТОП Охрид, Агора Куманово, Хард Рок Битола, Шишко Кочани.



Врати се горе ↑