Концерт ImageProxy0909

29 мај, 2013

Таксират Ве води на излет со АНТЕНАТ

На јубилејната година ѝ се придружува уште еден музички настан со кој Таксират 15 Ве повикува на излет со одличниот бенд АНТЕНАТ. Хрватскиот состав кој во моментов е на балканска турнеја со до сега дваесетина потврдени настапи, нема да го заобиколи ни Скопје и тоа со самостоен концерт на 8-ми Јуни, во летниот клуб „Хавана“. Бендот Антенат, по двата успешни албуми „Subing“ и „Караван“ и повеќе од 300 концерти во регионот и Европа, доаѓа претставувајќи го својот нов албум насловен „Излет”.

Излет е патување. Излет е излетување. Излет е идејата која со реализација се претвора во лет.

Антенат направи патување до нов звук, нови музички правци со кои го збогати својот субреге мозаик; излет на лајв-свирка, бидејќи 11-те нови песни се снимени во живо; патување до нови соработки со старите пријатели: на албумот гостуваат Julien Bordier (бенд Joke) и Ана Фабијаниќ, а виолончело свири Станко Ковачиќ.

Бендот Антенат во 1997 година започнаа како стандарден рок-квартет со тапани, бас, гитара и вокал, но со текот на времето составот се прошири, менувајќи ги и музичките стилови. Бендот сѐ повеќе настапуваше, профилирајќи го својот музички израз кој денес го нарекуваат – субреге. Во него се содржани различни влијанија, од реге и даб, ска и панк, до ворлд-мјузик елементи. Во 2006 година го објавија првиот албум „Subing“, а две години потоа излезе и вториот албум „Караван“. Бендот има повремено десет, а повремено единаесет членови, од кои некои, исто така, свират и во други групи. Во Скопје тие доаѓаат во полн единаесетчлен состав: Ненад Ковачик – вокал и перкусии, Борис Видошевиќ – гитара, Марко Фикет  – гитара, Давор Баришиќ – бас, Марко Гајер – клавијатури, Иван Скворц – саксофон, Иван Марницел – тромбон, Владимир Новак – труба, Бојан Хорват – тапани, Озрен Цорковиќ – труба и Марин Кобешќак – ефекти, инженер за звук .

 

Во стилот на Антенат, „нè има доволно (…времето е поволно)“, па Таксират ве води на ново музичко другарување во име на доброто расположение и поттикот за општествен ангажман кои ги генерира овој состав. И самиот бенд првенствено е другарска екипа, со бројна публиката која го препознава нивниот повик и верно го поддржува бендот веќе долги години, како и бројните пријатели кои чинат еден шаренолик караван и го следат бендот од концерт на концерт. Следната таква средба ви ја закажуваме на 8. јуни, во летниот клуб „Хавана“, со почеток во 22:00 часот. За овој излет Таксират ја покренува и акцијата „едно евро квадрат“, со која за 60 денари го обезбедувате своето место на ова музичко уживање.

Влезниците во претрподажба ќе ги најдете во продажната мрежа на МКтикетс.

Антенат и Таксират 15 ве покануваат на патување и ви ветуваат добар лет!



Врати се горе ↑