Македонија 216ee9d2-c878-43d7-9940-e90b18d4827c

13 октомври, 2014

„Таксират“ повторно номиниран за Европските фестивалски награди!‏

„Таксират“ Фестивал повторно е номиниран меѓу најдобрите фестивали во Европа кои се вклучени во изборот за Европските фестивалски награди (Europe Festival Awards). Ова е шеста номинација по ред на „Таксират“, кој воедно е и единствениот фестивал од Македонија кој влегол во конкуренција на најдобрите фестивали во Европа. Годинава „Таксират“ е номиниран во категоријата „Најдобар фестивал кој се одржува во затворен простор“ (Best indoor festival). „Таксират“ во својата категорија е во борба за наградата во конкуренција со уште 30 фестивали од 13 земји од Европа, меѓу кои и големите „Еуросоник“ (Холандија) и „Похода“ (Словачка).

Доколку сакате да го поддржите „Таксират“ во ова натпреварување, својот глас можете да го дадете на овој линк eu.festivalawards.com/vote . Гласањето е веќе отворено за јавноста и ќе се спроведува сѐ до 27 октомври 2014. Во секоја категорија може да се гласа само за еден фестивал, а со секое гласање влегувате во извлекувањето за „Dream Summer“ наградата, со која среќниот добитник ќе биде награден со по две влезници за победничкиот фестивал од секоја категорија. Дестте најдобри фестивали од јавното гласање за секоја категорија ќе бидат објавени на 4 ноември 2014, а победниците на Европските фестивалски награди ќе бидат прогласени на свечената церемонија која ќе се одржи на 14 јануари 2015 во Гронинген, Холандија, на отворањето на конференцијата „Еуросоник Нордеслаг“ (Eurosonic Noorderslag).

Европските фестивалски награди се најпрестижното меѓународно признание за препознавање на напорната работа на фестивалските организации на кои се должи европската разновидна и енергична фестивалска сцена. Во повеќето од категориите, вклучувајќи ја и номинацијата на „Таксират“, за наградите одлучува публиката, со онлајн гласање, со што фестивалските фанови имаат можност да покажат колку и каде најмногу уживале.

„ТАКСИРАТ“ е најголемиот музички фестивал во Македонија, но и единствениот зимски музички фестивал во југоисточна Европа. Низ годините фестивалот прерасна во собирен центар на повеќе од десет илјади посетители секоја година и има посебно место во музичката приказна на повеќе генерации кои на различен начин биле или сè уште се дел од „таксиратот“ суи генерис. Токму бината на „Таксират“ е местото на кое настапија најеминентните имиња на домашната, но и светската музичка сцена како Ману Чао, Иги Поп, „Кајзер Чифс“, „Паров Стелар“, „Скиндред“, Џулиет Луис, „Гуано Ејпс“, „Мунспел“, Марки Рамон, „Базкокс“, Оникс, „Вајт Лајс“, Тимо Мас, „Д Стренглерс“, „Бурака Сом Система“, „Креатор“, „Фан Лавин’ Криминалс“ и многу други.

Оваа година „Таксират“ го подготвува своето шеснаесетто издание во чиј знак ќе се одржат повеќе музички настани. Во тек се подготовките и за фестивалското финале на „Таксират 16“ со препознатливата атмосфера која нѐ очекува во декември, покрај офф-програмата и возобновениот „Лузер Фест“ кој пак ќе се одржи на 29 ноември.

Вклучете се во новата „Таксират“ приказна и гласајте за „Таксират“ на Европските фестивалски награди!



Врати се горе ↑