Настани

8 октомври, 2018

„Таксират“ потврдува: „Мандо диао“ првпат во Скопје

Еден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група „Мандо диао“ (MANDO DIAO) конечно ќе гостува со концерт кај нас, а својот премиерен настап пред македонската публика бендот го потврди за оваа зима и тоа на јубилејното, 20. по ред издание на фестивалот „Таксират“ во Скопје! Славниот бенд со беспрекорен звук и фантастична концертна енергија, ќе настапи како еден од главните ѕвезди на главната фестивалска вечер на „Таксират“на 8 декември, во ВИП арената „Борис Трајковски!

„Мандо диао“ започнаа да творат во 1999 година, и за 19 години постоење снимија 8 студиски албуми. Уште со првото нивно издание „Bring ‘Em In“ во 2002 година ја освоија сцената во земјата од која потекнуваат, а чија музичка репутација е неспоредлива, но секој следен албум значително им ја зголемуваше популарноста и на интернационалната сцена. Нивниот стил оформен со гаражен рок/поп/инди звук и извонредната енергија на настапите во живо беа многу бргу препознаени, па набргу светската критика и фановите ширум светот се согласија дека „Мандо диао“ е еден од најдобрите бендови на современата рок-сцена.

Со голема популарност и на балканските простори се стекнаа по излегувањето на албумот „Give Me Fire!“ во 2009 година и огромните хитови кои бројат десетици милиони прегледувања на Јутјуб, а без кои не можеше да се замисли која било добра забава – Dance With Somebody и Gloria.

 

Значајни промени во звукот, но и во текот на кариерата на „Мандо диао“, направи албумот „Aelita“ кој од алтернативниот рок ги одведе кон синт-поп и њу-уејв звукот. Иако изданието кое го изнедри планетарниот хит „Black Saturday“ делумно ја подели нивната публика, овој храбар исчекор на бендот му донесе уште поголема популарност.

Минатата година го објавија албумот „Good Times“, кој направи одличен баланс помеѓу тие две „струи“ кои го водеа овој бенд, помеѓу нивниот оригинален, стар звук и оној кон кој се стремеа во последните неколку години. Во рамките на промоцијата на ова издание, „Мандо диао“ конечно, за првпат ќе настапат и пред македонската публика, во рамките на „Таксират“, на кој ќе ја предводат главната фестивалска вечер.

Имено, Таксират“ оваа година го прославува своето јубилејно 20. издание, а завршницата на големата прослава нѐ очекува токму на главната фестивалска вечер која ќе се одржи на 8 декември и на нова локација, во ВИП арената „Борис Трајковски“. „Мандо диао“ е првиот потврден изведувач од финалето на ТАКСИРАТ 20, а наскоро ќе бидат обајвени уште многу други значајни музички имиња за оваа вечер, која воедно и ќе ја претстави Арената во сосема поинакво светло, посебно уредена за оваа цел со врвна продукција доловувајќи ја препознатливата атмосфера на Таксират, со три фестивалски бини, капацитет за повеќе од 10.000 посетители и претставувајќи го новиот продукциски концепт на фестивалот!

БИЛЕТИТЕ ВО ПРОДАЖБА ОД 8 ОКТОМВРИ!
Првите влезници со најповолната цена за главната вечер на „Таксират“ ќе чинат само 500 денари и ќе се продаваат во многу ограничен бројПродажбата започна од понеделник, 8 октомври, онлајн и на сите благајни во продажната мрежа на МкТикетс.



Врати се горе ↑