Македонија da350328-84d8-4736-a09b-d369cd04f6a1

22 март, 2017

„Таксират“ како најзначаен македонски фестивал влегува меѓу најдобрите од регионот

Фестивалот „Таксират“, како најзначајниот фестивал од Македонија, гостува на првата меѓународна конференција „Контакт“ која во четврток и петок (23 и 24 март) ќе се одржи во Белград! Со својата веќе 19-годишна традиција и успесите кои ги има зад себе, „Таксират“ е единствениот претставник од Македонија на оваа конференција која се одржува како своевиден дводневен фестивал на кој ќе се сретнат голем број претставници на најзначајните фестивали во регионот (Србија, Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора), кои преку примери на добра пракса, инспиративни трибини, креативни панели и јавни дискусии ќе укажат на новите трендови и уште појасно ќе го мапираат регионот како исклучително плодно тло за развој на музичката индустрија.

Како што самите организатори наведуваат „првата конференција ‘Контакт’, произлезе од потребата за вмрежување на организаторите и промоторите на регионалните музички фестивали, туристичките здруженија и организации, културните центри, клубовите и останатите активисти во културата и уметноста. Во исто време, таа произлезе и од потребата за созадавање на јасна инфраструктура во музичкиот бизнис и бришење на културните граници во регионот, бидејќи музичките фестивали се главниот туристички адут на балканските земји.

Панели, трибини и дискусии ќе се водат на повеќе теми од областа на музичките настани и нивното значење за културниот развој и промоција на земјите, а нашиот фестивал со свој претставник е вклучен во темата за фестивалите како промотори на градовите.

Фестивалот „Таксират“ со години веќе редовно се закитува со номинации за Европските Фестивалски награди, минатата година беше изгласан и од страна на фестивалската публика за еден од најдобрите европски фестивали во рамки на ова најпрестижното европско фестивалско признание, каде што „Таксират“ се најде во друштво на 10-те најдобри фестивали во Европа, во категоријата „Најдобар фестивал во затворено“. А како фестивал кој веќе 19 години опстојува како најголемиот музички настан во Македонија и еден од најзначајните фестивали во регионот, „Таксират“ е редовен учесник и гостин на сите значајни музички конференции во регионот и Европа. Годинава претставниците на најценетиот македонски фестивал учествуваа и на европската најголема музичка конференција „Еуросоник“ во Холандија, Меѓународната конференција за „лајв“ музика „Aj-Ел-Ем-Си“ во Велика Британија, како и „Мент“ конференцијата во Словенија, додека пак во 2016-та на оваа листа беа и „Рипербан“ во Германија, „Мама ивент“ во Франција, „Вејвс Виена“ во Австрија, „Буш“ во Унгарија и многу други. Имено, Таксират е и организатор на првата и единствена меѓународна музичка конференција во Македонија – „ПИН“, со која имаме прилика и во Скопје да ги видиме токму претставниците на најзначајните музички настани, културни центри, организации и клубови од Европа, како и најистакнатите европски музички експерти и професионалци.



Врати се горе ↑