Настани d19344e0-a5f3-4968-9274-1e3dc8aa17c8

7 декември, 2015

„ТАКСИРАТ“ е подготвен за главната вечер и големото затворање на своето 17. издание

Вечерва (понеделник, 7 декември) фестивалот „ТАКСИРАТ“ ги пречекува посетителите на одржувањето на главната вечер од годинашната програма со која во арената „Метрополис“ и официјално ќе биде затворено 17. издание на фестивалот. Задолжени за 17. „ТАКСИРАТ“ да остане запаметен како неповторливо позитивно доживување од нашето градско (не)секојдневие се шест исклучително квалитетни изведувачи кои на „ТАКСИРАТ“ ги здружува препознатливоста по извонредните настапи во живо, а згора на тоа и фактот што секој од нив доаѓа на „ТАКСИРАТ“ со посебен повод: или за прв пат гостуваат во Македонија или доаѓаат со остварување кое прв пат ќе го претстават токму пред публиката на „ТАКСИРАТ“.

На големата сцена во арената „Метрополис“ вечерва ќе имаме чест за прв пат да ги пречекаме шведската power/heavy метал атракција „САБАТОН“, жестоките каталонци „ЛА ПЕГАТИНA“ и диџеј составот на лондонскиот дабстеп феномен „МОДСТЕП“. Покрај тоа, доаѓаат великаните на музичката авангарда „ЛАЈБАХ“, кои токму на „ТАКСИРАТ“ ќе го претстават својот нов албум „Spectre“ со првиот концерт од нивната светска турнеја закажана за 2016 година. Единствените претставници од домашната сцена се, ни повеќе ни помалку, туку легендите на македонската хип хоп сцена „С.А.Ф.“, кои доаѓаат во полн состав и за прв пат ќе го изведат култниот албум „Сафизам“ во придружба на бенд, и тоа „Литл биг бенд“ на џез мајсторот ТОНИ КИТАНОВСКИ. За армијата фанови на „ТУ ЧЕЛОС“, кои останаа без билет за нивниот солистички концерт, главната вечер на „ТАКСИРАТ“ е нова пригода да го надополнат пропуштеното и да уживаат во енергичниот фестивалски перформанс на виртуозното хрватско дуо кое го освои светот.

Секој од изведувачите на главната вечер, на сцената во арената „Метрополис“ ќе се претстави со 60-минутен настап, освен диџеј составот на Британците „Модстеп“, кои со подолг сет ќе бидат задолжени за официјалното затворање на „ТАКСИРАТ“ со својот моќен дабстеп звук кој молскавично ги освои фановите на овој жанр ширум целиот свет.

Влезот за посетителите ќе биде отворен од 19 часот. Музичката програма ќе започне во 20 часот и ќе трае сѐ до раните утрински часови.

РЕДОСЛЕД НА НАСТАПИТЕ НА ТАКСИРАТ 17:
SABATON (Шведска)
LAIBACH (Словенија)
LA PEGATINA
2CELLOS
С.А.Ф. & ТОНИ КИТАНОВСКИ LITTLE BIG BAND (Македонија)
MODESTEP DJ set (Велика Британија)

Промо-влезниците се веќе целосно распродадени! Актуелната цена на билетите во претпродажба е 899 денариа во тек е и акцијата за групно купување на влезниците „Друштво звучи супер“ со која за 4 купени влезници добивате уште една ВЛЕЗНИЦА ПОДАРОК.

Претпродажба (од 1.12. до 7.12.) – 899 денари,
Полна цена (на 7.12. на врата) – 999 денари,
ВИП влезници – 2.000 денари.

Влезниците се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс, како и онлајн на овој линк.

Твое време е!
Преврти го Скопје наопаку!

Оф-програмата на „ТАКСИРАТ“ заврши со извонредниот концерт на „Ту челос“, кои приредија настап по светските стандарди

Оф-програмата на фестивалот „Таксират“, која започна на 27 ноември со меѓународната ПИН музичка конференција во петокот, на 4 декември, заврши на најдобар можен начин со двата настани кои се одвиваа паралелно на две преполни локации, со извонредни концерти и многу позитивни емоции – одбележувањето на 20 години постоење на „Пи-ем-џи колектив“ во МКЦ и извонредниот концерт на „Ту челос“ во арената „Метрополис“.

Во рамките на овој дел од програмата, „ТАКСИРАТ“ годинава ја почести публиката со вкупно 8 настани, од кои дури три целосно распродадени пред нивното одржување, а таков беше и првиот концерт на „Ту челос“, со кој „ТАКСИРАТ“ ја затвори оф-програмата и ја најави главната вечер од своето 17. издание.

Стјепан и Лука на овој концерт ја покажаа својата маестрална виртуозност, а публиката која ја имаше од сите возрасти го прифати нивниот стил со воодушевување.

Се надевам дека ќе уживате во нашиот концерт. Ова не е класичен концерт, па можете да правите што ќе посакате. Можете да играте, да викате, да пеете, секако ако ги знаете текстовите на песните, бидејќи ние не ги знаеме“,  со овие зборови Лука Шулиќ ја поздрави публиката веднаш по првата изведена нумера и сѐ што им порача на посетителите, во следните час и половина навистина се случи. Публиката уживаше со восхит во класичните дела, играше на енергичните рок химни и во еден глас ги отпеа вечните светски хитови кои „Ту челос“ на само ним својствен начин ги изведоа со неверојатна виртуозност.

Првиот концерт на „Ту челос“ беше една исклучително убава и несекојдневна вечер каква што ретко кога имаме пригода да доживееме кај нас и која сите посакаа да трае и подолго, а тоа само говори дека со музиката на виртуозните мега-ѕвезди времето просто одлетува.

Арената „Метрополис“ беше исполнета до последното место, а „Ту челос“ инспирирани од извонредната атмосфера одржаа концерт за паметење. Со единствената изведба на песните од својот репертоар, хрватското дуо ги воодушеви сите присутни, а врвната изведба беше збогатена и со дополнителното шоу со одличен звук и осветлување, својствени за светските музички спектакли.

Во рамките на „ТАКСИРАТ“, македонската публика за само неколку дена има ретка пригода да ги пречека 2CELLOS со два концерти, а вториот концерт нѐ очекува веќе вечерва (7 декември) на главната вечер на „ТАКСИРАТ“ во арената „Метрополис“.

Фотографии од концертите во рамки на ТАКСИРАТ 17 можете да погледнете на официјалната фан-страница на Фејсбук.



Врати се горе ↑