Настани

12 јуни, 2018

„Таксират 20“ за првпат ги носи легендарните „Инер сркл“ во Скопје!

Фестивалот „Таксират со задоволство го најавува следниот настан за одбележување на годинашното јубилејно 20. издание, на кое во соработка со МКЦ Скопје, за првпат пред македонската публика ќе настапи легендарниот јамајкански бенд „Инер сркл“ (Inner Circle)!

Прославувајќи ја 50-годишнината од своето постоење, Греми лауреатите „Инер сркл“ ќе настапат на 29 јуни во МКЦ Скопје (плато), во рамките на нивната светска турнеја. Ова е единствена пригода да се види во живо култната реге-поп атракција и непосредно да се вкусат нивните хитови: Sweat“, „Bad Boys“, „Rock with You“, „Games People Play“, „Young, Wild & Free“, „Tenement Yard“ (неодамна семплувана од Џеј Зи) итн.

 

Концертот ќе се одржува со бесплатен влез, а за присуство посетителите само треба да донесат едно пластично или стаклено шише бидејќи во оваа роденденска прослава ни се придружува и „Пакомак“, долгогодишниот еколошки партнер со кој „Таксират“ редовно се залага добрите еколошки навики да станат дел од музичките збиднувања.

Реге-иконите годинава го одбележуваат нивното 50-годишно творештво со промоција на документарен филм, книга и албум под наслов „A Long Road to Success“ (Долг пат до успехот). Квинтетoт од Јамајка е еден од најголемите светски реге-бендови, чиј успех кулминираше кон средината на седумдесеттите. „Инер сркл“ се, пред сè, заслужни за креирање специфичен стил на поп-ориентиран јамајкански ритам и енергија што ги етаблираше во водечки ѕвезди на ова движење.

 

Редовно настапуваат на најголемите светски фестивали, како главни ѕвезди, заедно со бројни музички гиганти како: Зиги Марли, Лорен Хил, Елтон Џон, Ван Морисон, Џими Пејџ, Роберт Плант, Карлос Сантана и многу други. Предводен од основачите, браќата Роџер и Јан Луис, бендот го издржа тестот на времето, континуирано иновирајќи го своето творештво и соработувајќи со растечките ѕвезди на светската музичка сцена. Питбул, Ченс д Рапер, Фло Рајда, Рик Рос и диџеј Калид се само некои од поп-ѕвездите со кои тие соработуваа во последниве неколку години.

Потсетуваме, „Таксират“ годинава го одбележува својот 20. јубилеј со голем број концерти во Скопје кои ќе се одржуваат во текот на целата година, а во рамките на прославата за „20 години алтернатива во Македонија“ претходно веќе се одржаа повеќе исклучителни концерти и настапи и тоа на: „Крафтверк“, „Лајбах“, „Лорд оф д денс“, Акуа Нару, „Гогољ бордело“, „Маика“ и Питер Бенс.



Врати се горе ↑