Настани e22023f4-8b14-4a1f-8b66-facdd0e012ec

5 септември, 2014

Таксират 16 промо настан: Концерт на „Тhe Hidden Cameras“!‏

Шеснаесеттото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, најголемиот зимски музички фестивал во регионот, годинава започнува со промотивниот концерт на култниот канадски бенд „The Hidden Cameras“. Концертот на инди-поп групата предводена од извонредниот музички уметник Џоел Гиб, како дел од офф-програмата на Таксират фестивалот ќе се одржи на 1 октомври 2014 во „Кино Фросина“ во МКЦ, Скопје.

Станува збор за бендот кој ја означи пресвртницата на инди-рок сцената и субкултурата во Торонто на почетокот на новиот милениум. Уште со својот прв албум „The Smell Of Our Own“,  „The Hidden Cameras“ станаа гавна музичка тема во Торонто, а годинава се актуелни и со нивниот нов, шестти студиски албум, одличниот „AGE“ кој се појави пет години по нивното претходно издание, а од чија светска промоција е дел и концертот во Скопје.

За атрактивноста на нивната музика говори и податокот дека се воедно и прв канадски бенд кој потпишува со ценетата инди британска етикета „Rough Trade“, етикетата која успешно ги промовираше и продаваше плочите на бројни панк, едни од првите инди поп и едни од првите пост-панк бендови како The Buzzcocks, The Smiths, Desperate Bicycles и многу други. Креативната сила зад бендот е интровернтиот и извонреден уметник Џоел Гиб (Joel Gibb), кој благодарение на успехот со „The Hidden Cameras“ се најде и како вокал на последниот албум на „R.E.M.“ и соаботува со Нил Тенант од „Pet Shop Boys“.

Музичкиот израз на групата, на почетоците се карактеризира со акустични гитари, ксилофон, виолини, оргули и дајре, но ваквиот опис во никој случај не ја доловува вистинската слика за нив како денс-бенд кој на настапите во живо секогаш пулсираат со енергија и игривост. Денес, Гиб свири електрична гитара, а вклучува синтисајзер и ритам машини кои дополнително ја истакнуваат нивната енергичност. Истата умешност на префинето спојување на меланхоличниот инди сензибилитет со неверојатната игрива енергија е до совршенство изразена и со албумот „AGE“, кој за самиот бенд на некој начин е репертоар на процесот на созревање и манифест на искреноста претежно напишан во Ф-мол, тонот на меланхолијата, но исто така и тонот на посакувањето и беспомошната потиштеност.

„The Hidden Cameras“ е бенд на чиј концерт со сигурност ќе танцувате, ќе уживате во „кул“ текстовите, ќе имате прилика да погледнете нешто оригинално, да чуете мелодии кои поттикнуваат добро расположение и да посведочите дека станува збор за несекојдневен и нетипичен инди-бенд кој ги има сите предиспозиции да се најде помеѓу најпознатите бендови во светот. А доколку прашате зошто тоа сè уште не се случило, ќе застанете и пред  онаа другата реалност на секојдневието и неправедноста во светот без склоност кон несекојдневните нешта.

За овој бенд, имено, сè започна во 2001 година кога Џоел Гиб преку музика проба да ја пренесе својата верзија за светот, а премиерата на своите поп песни ја имаше на арт забава за своите пријатели во една мала галерија во Торонто кога неколку пријатели ги покани да му се придружат во неговата изведба. Со тоа се роди The Hidden Cameras групата која во 2002. година веќе броеше петнаесетина членови и го објави првото ЕП кога веќе беа на добар глас благодарение на своите луди концерти кои се одржуваа на чудни и несекојдневни локации и станаа главната музичка тема во Торонто. Тогаш и „Rough Trade“ прв пат по 20 години пројавија воодушевување од некој бенд и потрчаа во Канада за да потпишат договор со нив. Како омилен бенд на славниот германски фудбалер Мехмет Шол (Баерн Минхен), тие свиреа и на неговата забава по повод последниот одигран натпревар во 2007, која се одржа на стадионот на Баерн Минхен, а  во 2008 година, Гиб се пресели во Берлин, каде што започна повеќе соработки со различни музичари.

Концертот на „The Hidden Cameras“ во Скопје ќе се одржи на 1 oктомври 2014 во „Кино Фросина“ во МКЦ, со почеток во 21.00 часот.

Влезниците за овој концерт се веќе достапни во претпродажба по цена од 200 денари, а можете да ги набавите преку продажната мрежа на МКтикетс. На денот на концертот влезниците ќе се продаваат по полната цена од 250 денари.



Врати се горе ↑