Настани 1395117_602424936482808_132981856_n

25 ноември, 2013

Таксират 15: Од Вардар до Триглав!

Таксират Фестивал ви претставува уште еден дел од годинашната офф-програма, а станува збор за концертната вечер насловена „Од Вардар до Триглав“Со овој претфестивалски настан кој ќе се одржи на 8-ми декември 2013, Таксират се враќа на истата локација од каде што пред точно 15 години, во 1999 година ја започна првата приказна за музичката судбина на Скопје – Младински Културен Центар. „Од Вардар до Триглав“ на „таксиратџии“ ќе им донесе одлични настапи во живо и прилика да уживаат во концертите на четири музички имиња кои во својот жанр ја предводат младата регионална сцена: најпродуктивниот и респектиран македонски реге состав КОНКЕРИНГ ЛАЈОН чиј настап е и официјална концертна промоција на новиот албум „Revelation“, истакнатиот српски гараж пост-панк бенд РЕПЕТИТОР, водечкиот глас на словенечкиот хип-хоп N’TOKO и домашните претставници на опасно мелодичниот панк-рок, ФОНИЈА!  Артисти кои имаат квалитет и енергија да го понесат предизвикот да се биде на чело на амбициозниот зафат за будење на локалната музичка сцена, задача која не е нималку лесна за сè уште млади бендови „од Вардар до Триглав“.

Конкеринг Лајон, даб/реге/хардкор бендот од Тетово, загарантирано ќе донесе добра енергија и неодолив реге ритам. Бендот годинава се врати на голема врата со третото студиско издание „REVELATION“ кое го објавија во дигитално издание на 22 ноември. Претходно албумот го наговестија со повеќе од успешниот прв сингл “Wicked Man”, а неодамна и одличниот „Trickster’s End“. Овој концерт на Conquering Lion е првата концертна промоција на новиот албум!Концептот и енергијата на овој албум се движат од рутс-реге звукот кој преминува во даб и продолжува кон подинамични моменти. Приказната на овој албум е бунт директно насочен кон регулативите на системот, ограничувањата и алчната страна на човечката природа. (…)Музички еволуирано, ова свежо издание ќе донесе добри вибрации за вашиот слух и дух. Браќа и сестри, подгответе се, бидејќи ‘Revelation’ (откровение) е на вашиот праг.“ – велат Conquering Lion. Инаку, бендот постои од 2007. година, а искуството го стекна со настапи низ Македонија, но и во Германија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Бугарија, Грција, Романија, Албанија и Косово. Имаат настапувано со големи реге имиња како што се Gentleman, Manu Chao, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote и други. Во 2009. го објавија деби албумот „I“, со 10 песни, вклучувајќи и соработка со јамајканецот Jahom Clarityjem на песната Jah Love, а вториот албум „Know Your Wisdom“ се појави во 2011.

ФОНИЈА е панк рок трио кое работи напорно и пишува опасно мелодични песни. Со просек од 20 години по член тие успеаја да издадат 4 албуми и да регрутираат завидна фан база во Македонија. Личната политика е нивната политика, а брзата меланхолична мелодија нивниот трејдмарк. Секогаш стегнати на настапите во живо и водејќи се од идејата дека добрите бендови се познаваат на нивните концерти, Фонија со нетрпение го чекаат секој свој следен настап, а тоа е токму ТАКСИРАТ 15!

Гараж пост-панк триото РЕПЕТИТОР е еден од најистакнатите млади бендови од балканскиот регион. Со нивните албуми „Све што видим је први пут“ и „Добродошли на океан“, тие се искачија на врвот на топ-листите и собраа екстремно позитивни критики, а со енергичните концерти за кратко време драстично ja проширија својата фан-база. Репетитор одржа стотици концерти низ целиот Балкан, Холандија, Италија, како и на повеќето регионални фестивали (Зигет, Егзит, Теранео, Хартера, Рокај, Лент). Бендот посветено го изгради својот препознатлив звук, спој на тврд рокенрол, пост-панк и сѐ помеѓу. Тешко е да се најде директно влијание на Репетитор, но внимателен слушател би препознал сличности со различни бендови, како Mudhoney, Шарло Акробата, Fugazi, Sonic Youth, Pixies и Nirvana, па сѐ до Black Sabbath или Suicide. Ваков крос-жанр може отпрво да звучи непомирливо, но Репетитор го прави сето тоа со леснотија и сонично искуство чија пријатност тешко се надминува.

N’TOKO е без сомнеж водечкиот глас на словенечкиот хип-хоп. Прв пат го привлече вниманието како вокал во фанк, хип-хоп колективот Moveknowledgement, кој подоцна се трансформира во експериментална даб-рок појава и сними два оргинални и критички докажани албуми: „Listen to Nebukadnezar“ и „Pump Down!!!“. Како соло артист, сними повеќе албуми и ЕП-а, вклучувајќи го и албумот „Parada ljubezni“ (2010),  кој му донесе поширок успех, како и трие албуми објавени за јапонската етикета „Call and Response“. Постојано на релација Словенија – Јапонија, има реализирано над 40 концерти и соработки со бројни артисти од музичката сцена во Токио. Денес неговиот израз има јасна, остроумна критика на современото општество, а еклектичната природа од првите изданија е заменета со специфична електронска основа. N’toko е уникатниот и силен глас на една генерација, обраќајќи ѝ се на хиперреалноста со јасен и прониклив глас, засилен со нечестив денс електро-поп и тврд хип-хоп.

 

Концертната вечер насловена „Од Вардар до Триглав“ ќе се одржи на 8-ми декември 2013 во МКЦ, Скопје со почеток во 21:00 часот, додека пак влезот за посетителите ќе биде оворен во 20:00 часот.

Цената на билетите е 150 денари во претпродажба и 200 денари на влезот во МКЦ.

Продажбата на влезниците се одвива во мрежата на МКтикетс:

• Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Круг Кафе Аеродром.
• Низ Македонија : ЗЗ ТОП Охрид, Агора Куманово, Хард Рок Битола, Шишко Кочани.



Врати се горе ↑