Настани wcfrc1

23 октомври, 2012

ТАКСИРАТ 14: Подгответе се за СКИНДРЕД!

Подгответе се за гитари, рифови, гласно озвучување и цврст звук. Таксират отсекогаш ја почитувал квалитетната панк и метал свирка, па и за своето четиринаесетто издание ги носи некои од најдобрите изведувачи на овој музички жанр. Публиката на Таксират годинава ќе ја раздрма настапот на реге-метал бендот од Њу Порт, СКИНДРЕД (SKINDRED), име кое ветува одлична забава! Уникатниот бенд кој остана без конкуренција на музичката сцена до денес, важи за состав кој е особено препознатлив по лудите и одлични настапи во живо и иновативната и нетипична мешавина на реге-метал со панк, дабстеп, хип хоп и драм енд бејс. До денес Skindred имаат издадено вкупно четири албуми, од кои последниот, „Union Black“, излезе во април минатата година. Составот кој ги воодушевува фановите со својот нетипичен музички пристап на 8ми декември ќе го има својот прв настап во Македонија. Групата во моментов е на својата актуелна британска и С.А.Д. турнеја, а Таксират Фестивал ја има ексклузивата да биде единствен домаќин на Скиндред надвор од рамките на овие земји.

Главната фестивалска вечер на Таксират 14 ќе се одржи на 8ми декември 2012 во „Метрополис Арена“ во Скопје. Својот настап на Таксират 14 веќе го потврдија и ворлдмјузик-панк бунтовницие ЧЕ СУДАКА, а наскоро очекувајте ги и останатите артисти кои ќе бидат задолжени за уште едно незаборавно Таксират издание.
Билетите за Таксират 14 ќе бидат достапни во претпродажба од петок, 26ти октомври 2012. Првите 1000 влезници ќе се продаваат по цена од 450 денари, а по нивното распродавање, цената на билетите ќе биде 600 денари.
Ве потсетуваме дека утре (среда, 24ти октомври) стартува и продажбата на билетите за концертот на француската арт музичка атракција Nouvelle Vague, кој ќе се одржи на 27ми ноември во клуб „Колосеум“, во рамките на off-програмата на Таксират. Во претпродажба овие биелти ќе чинат 300 денари, а 400 денари на врата. Достапни се и ВИП влезници по цена од 500 денари.
Билетите за главната фестивалска вечер на Таксират 14 и Таксират промо концертот на Nouvelle Vague можете да ги најдете во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс низ Македонија:
Скопје: Југотон Рекордс, Кафе Круг (Ареодром), Superfly, Камарат (Рамстор), Розе (Веро 2), Супер Тобако (Лептокарија);
Куманово: Агора;
Битола: Хард Рок;
Кочани: Комисион Шишко;
Штип: Дом на млади;
Охрид: ZZ TOP;
Гевгелија: Кафе Корзо;
Прилеп: City Tobacco.


Врати се горе ↑