16 мај, 2015

Тајзи изрази револт со „Гласот на народот“

Ако ги погледнеме бројките на Јутјуб, а и преполните концерти кое ова момче од Куманово ги направи изминатата година, како и големиот концерт во ноември во Универзалната сала, можеме да кажеме дека првиот албум на Тајзи„Нешто поинакво“ е еден од најуспешните проекти во последниве 5 години и вистинско освежување на нашата естрада. Неговиот канал, каде што се поставени неговите песни, има околу 15.000.000 прегледи, а воедно и 10 песни што надминуваат милион.

„Со песнава изразувам револт кон сè што ни се случува последниве 25 години. Срам да ви e! И на едните и на другите! Вака ли сакате децата да ни растат? Во страв, омраза и поделби? Не се криви тие што избегаа… всушност и уште ќе бегаат ако продолжите вака!? Веќе со години на медиумите не сме слушнале македонска  музика, само политика и серии за перење на мозоци!

Истовремено ве повикувам на МИР, сите! Не нè родила мајка за да умреме од куршуми. Што ако завиеме илјадници семејства во црнило, зарем тоа ни носи некаков успех? Да ви се м*чам во национализмот ако останеме без брат, татко, другар…

Ајде да се бориме за нови патишта, за подобро образование, за соживот, за помали казни и даноци, за слобода на говор, за поздрава храна, за нови вработувања на младите, за поголеми плати, за нови успеси во спортот…пред сè да се бориме за подобро утре за сите нас!

Сакам да плачам , но од среќа гледајќи ве соединети и сложни.

Почивајте во мир браќа. Чувај нè и нас боже, ни требаш долу!!!“, порача Тајзи на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Инаку, од новиот тим на Тајзи најавуваат активно лето со неколку нови песни и видео записи за истите кои ќе бидат дел од албумот кој треба да излезе на почетокот на другата година. Музиката и текстот за „Гласот на народот” се на Тајзи а видеото е целосно изработено од страна на Владимир Дади Ивановски. Видео записот е снимен на 11 април во Куманово и требаше да биде објавен на 11 мај, во чест на големиот Боб Марли но поради деновите на жалост го објавуваат на 16 мај и е порака за Мир, Љубов, Единство и Иднина тука!



Врати се горе ↑