Свет SH_14D12_GF_winner-1010

15 мај, 2014

Светските ѕвезди со поддршка за Кончита Вурст

Победничката на 59-тото издание на Евровизија, австриската претставничка Кончита Вурст, покрај публиката, доби поддршка и од светски познати ѕвезди како што се легендарните Елтон Џон и Шер, како и популарната американската пејачка Лејди Гага. „Елтон би сакал да и ја честита победата на Кончита: ’Брилијантна работа за Евровизија и за човештвото’“ – пишува на профилот на Твитер на британскиот музичар Елтон Џон.

„Победникот на Евровизија е фасцинантен. Само 2 совети: Заслужуваш поубаво име и поубава перика“, напиша Шер, додавајќи: „Може ли некој да си замисли колку солзи пролеало ова момче обидувајќи се да биде искрен со себе? Само храброста му помогна да го оствари својот сон… со негови услови.“

 

„Честитки за победничката на Евровизија, Кончита Вурст, Таа ги освои сите со нејзиниот прекрасен вокал и пораката за слобода и еднаквост“, неофицијално напишала Лејди Гага (овој не е нејзиниот официјален профил на Твитер).

Според некои медиуми, победата наводно ја честитал и британскиот музичар Роби Вилијамс: „Го постигна тоа благодарение на проклетата брада, но тоа беше брилијантно ср*ње. Вие младите можеби не го разбирате тоа, но на моја возраст ќе научите да цените такво брилијантно ср*ње“, наводно изјавил пејачот.

Без разлика на сите контроверзии околу овогодишното издание на Евровизија, сите песни одлично котираат на светските топ листи. Победничката „Rise Like a Phoenix“ се најде меѓу првите три песни во 14 земји: Германија, Швајцарија, Русија, Шведска, Австрија, Белгија, Данска, Финска, Грција, Луксембург, Бугарија, Кипар, Црна Гора и Словенија, а ширум светот го достигна и 9-тото место.

 

Второпласираните холандски претставници Д Комон Линетс и нивната „Calm After The Storm“ се најдоа на 3 место на европската листа на iTunes, меѓу најдобрите три во 16 земји и на 12 место ширум светот.

 

Швеѓанката Сана Нилсен и нејзината третопласирана „Undo“ се искачи на 9-то место, а данскиот претставник Басим со „Cliché Love Song“ стигна до 14 место. Ширум светот Сана стигна до 16 место.

 

 

Меѓу најдобрите 25 во Европа се најде и ерменскиот претставник Арам Мп3 со четвртопласираната „Not Alone“ која ја достигна 16-тата позиција, Норвежанецот Карл Еспен со „Silent Storm“ стигна до место бр. 18, а веднаш позади него е и швајцарскиот претставник Себалтер со „Hunter Of Stars“. Последната евровизиска песна која се најде на 22 место на европската листа е „Is It Right“ со која групата Илајза ја претставуваше Германија.

Извор: eurovision.tv/Фотографија: Сандер Хестерман (Sander Hesterman, EBU)

 



Врати се горе ↑