Концерт

30 октомври, 2017

Светскиот танцов спектакл, „Лорд оф д денс“ со „Опасни игри“ во Скопје

Најпосетуваниот танцов музичко-сценски спектакл на светот повторно пристигнува пред македонската публика. „Лорд оф д денс“ (LORD OF THE DANCE) на славниот Мајкл Флетли гостува во Скопје на 11 април 2018. По точно 10 години и по 5 целосно распродадени настапи кај нас, светското денс-совршенство овој пат во ВИП арената „Борис Трајсковски“ ќе го претстави новото шоу „Опасни игри основано на ирскиот фолклор кој ја претставува неверојатната авантура во борбата помеѓу доброто и злото.

Најдоброто танчерско шоу на светот досега собори повеќе светски рекорди – Флетли во Гинисовата книга на рекорди е запишан како човекот со најбрзите нозе на светот, со незамисливи 35 удари во секунда; шоуто се изведуваше дури 21 пат по ред во арената „Вембли“ во Лондон; за само 10 дена беа продадени 250.000 влезници на турнејата во Австралија. Мајкл Флетли (Michael Flatley), танчерот, флејтист, автор, директор и продуцент кој стои зад овој меѓународно наградуван танцов феномен, докажа преку својата визија дека срцето и разумот, обединети преку музиката и танцот, ги бришат сите традиционални граници. „Лорд оф д денс“ постојано ги соборува сите рекорди во продажбата на влезници ширум светот, оставајќи ја публиката без здив, желна за уште повеќе магија.

Токму поради тоа, како и фактот дека во Македонија веќе со години имаат огромен број обожаватели, оваа најголема ирска танчерска сензација повторно гостува во Скопје, на 11 април 2018 година со настап во ВИП арената „Борис Трајковски“. Овој пат, приказната се темели на ликот кој патува низ времето со желба да му помогне на господарот на танцот во одбраната против мрачните сили. Оваа митска авантура со себе носи сѐ ново, од музика до сценографија, костимографија и кореографија. Тука се и холограмските проекции, најсовремената сценска технологија, специјалните светлосни ефекти, разиграните роботи и најдобрите светски акробати и танчери. Сето тоа е доволна причина да не го пропуштите овој музичко-танчерски настан или како што порачува екипата на „Лорд оф д денс“: „Препуштете се во прегратката на извонредниот танц кој ќе ве одведе на патување исполнето со енергија и страст…

„Лорд оф д денс“ од 1996 година е најпродаваната танчерска приредба на светот која досега има гостувано пред распродадените гледалишта во повеќе од 60 земји, а премиерата ја одржаа во 1996-та, две години откако славниот ирски кореограф Флетли го претстави неговиот претходен спектакл „Riverdance“ во глобалниот телевизиски пренос на „Евровизија 1994“ во Даблин и прерасна во светска сензација. Веќе во 1997 година, „Лорд оф д денс“ дебитираше и во С.А.Д. со 13 распродадени претстави во „Рејдио сити мјузик хол“ (Radio City Music Hall) и учествуваше во програмата на доделувањето на наградите „Оскар“. На изведбите, во составот на овој танцов ансамбл настапуваат дури 200 танчери, покрај огромниот број професионалци кои на шоуто се грижат за сценографијата, светлото, звукот, како и за вкупно 1200 костуми кои ги користат танчерите.

Билетите за настапот на „Лорд оф д денс“ ќе бидат пуштени во продажба преку продажната мрежа на МкТикетс на 1 ноември, во среда, кога воедно ќе бидат објавени и цените на билетите.



Врати се горе ↑