Концерт 5bd9d318-be00-449c-ac68-88e7462ab9f8

30 октомври, 2015

Светската музичка атракција „Ту челос“ на 4 декември во Скопје!

„Таксират“ во соработка со „Охридско Лето“ со гордост го најавуваат првото гостувањето на 2CELLOS во Скопје

Супергрупата од двајца, „Ту челос“ (2CELLOS) на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоија целиот свет, доаѓа во Скопје. Дуото ќе настапи пред македонската публика на 4 декември на сцената на „Метрополис арена“. Концертот е дел од офф-програмата на „Таксират“ кој за своето 17. издание подготвува повеќе настани кои ги задоволуваат различните музички вкусови. Во тоа име, на овој концерт на „Таксират“ кој е организиран во сорабтока со културната манифестација „Охридско Лето“, маестралните „Ту челос“ гарантираат незаборавно доживување и за оние со најпрефинет музички вкус. Дотолку повеќе и поради задоволството што групата прв пат настапува во Скопје и тоа во атмосфера и арена која најмногу доликува за спектаклот кој таа го приредува.

Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги ’Ту челос’ во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во ’60-те го гледав Џими Хендрикс“, вели Сер Елтон Џон за хрватските виртуози.

„Ту челос“ во светот „експлодираа“ како Јутјуб сензација во 2011-та, по видеото во кое на две виолончела свират преработка на легендарната „Smooth Criminal“ од Мајкл Џексон. Скромниот и јасен спот за десетина дена беше прегледан 3 милиони пати и… останатото е историја. Виртуозите од малата Хрватска се вивнаа во поп светот, следуваше гостување во ток шоуто на Елен Деџенерис (два пати во само шест месеци) и појавување во емисијата на Џеј Лено. Шулиќ и Хаузер како „Ту челос“ гостуваа и во екстремно популарната музичка серија „Glee“ (Гли), во чија историја влегуваат како првите гости со инструменти во вокалното шоу. Токму таа изведба на „Smooth Criminal“ на кралот на попот, во придружба на актери од „Glee“ дебитираше на Жешката Билборд Топ 100 листа на неверојатното 10. место.

Во Јапонија се најмногу познати, каде што добија награда за најдобар инструментален албум во 2014-та. Неодамна одржаа целомесечната турнеја низ Земјата на изгрејсонцето, но и во Кореја, Сингапур и Хонг Конг, а во Скопје доаѓаат по нивните концерти во Москва и Санкт Петербург, за веќе во јануари да заминат на турнејата во САД и Канада, во чии рамки само досега се закажани повеќе од 40 настапи. Во последнава година бележат настапи по најважните европски музички центри – Берлин, Милано, Лондон, Виена, Брисел…. инаку на домашен терен во арената „Лисински“ во Загреб, закажаа еден концерт којшто беше веднаш распродаден, па мораа да закажат втор.

Но, ништо не може да се спореди со учеството на Лука и Стјепан во светската турнеја на Сер Елтон Џон и неговиот бенд, во кој Хрватите беа вклучени по силно инсистирање на самиот Елтон. „Ту челос“ беа дел од „ол стар“ составот на Сер Елтон Џон на стотици настапи по светот и задолжително се појавуваа на концертите на англискиот хитмејкер во хотелот „Цезарс палас“ во Лас Вегас.

До сега имаат издадено три албуми: „2CELLOS“ во 2011, „I2ition“ во 2013, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со „Пинк флојд“, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други. На овој албум на „Ту челос“ гостуваат Стив Ваи, Наја Ривера, Ланг Ланг, Цукеро и секако Сер Елтон Џон.

На почетокот на годинава го издадоа третиот – „Celloverse“, каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Она што е еднакво импресивно за Лука и Стјепан е величината на нивната кариера во сериозната музика. Двајцата многу мали почнуваат да свират, се развиваат како исклучителни таленти и двајцата се образоваат во елитни училишта и академии во Британија и САД. Националните хрватски и меѓународни награди на Лука и Стјепан не се бројат, а нивната виртуозност со воодушевување е прифатена и од кралеви и кралици и од принцеви и принцези. Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, „Ту челос’ се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко сценски капацитет. „Ту челос“ се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена.

Многу специфично е дека академски музичари со светски признанија за достигнувања во класичната музика криеле таков талент за таков настап и анимација на илјадници луѓе на концерти, генијален хумор и беспрекорна спонтаност. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија.

Билетите за настапот на „Ту челос“ кои чинат 800, 1000 и 1200 денари, се веќе достапни во продажба преку мрежата на МкТикетс како и онлајн.



Врати се горе ↑