Концерт

22 март, 2018

Свечено отворање на 41. „Денови на македонска музика“

Со концертот на Македонската филхармонија вечерва во 20 часот во салата на Македонската филхармонија свечено ќе бидат отворени 41. „Денови на македонска музика“. На програмата на концертот се три оркестарски дела од македонски автори „Три псалми“ за хор и оркестар на Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар на Панде Шахов и Концерт за виолина и оркестар на Филип Иванов. Под диригентската палка на маестро Борјан Цанев како солисти со националниот оркестар ќе настапат кларинетистот Игор Иванов, виолинистот Александар Иванов и камерниот хор „Херувими“. Свеченоста на 41. издание на манифестацијата ќе започне со доделувањето на традиционалните награди на СОКОМ за најуспешните музички автори и изведувачи: наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело, наградата „Панче Пешев“ за најдобро ново создадено дело од македонски автор и наградата „Георги Божиков“ за најдобра (и континуирана) изведба на дела од македонски автори во минатата година.

Композицијата „Три псалми за хор и симфониски оркестар на Сони Петровски е создадена и премиерно изведена во 2016 година на фестивалот „Охридско лето“ од страна на оркестарот на Македонската филхармонија и Камерниот хор „Херувими“, под диригентство на маестро Борјан Цанева по повод одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски. Идејата и изборот на тематскиот материјал на делото произлегоа од соработката на композиторот Петровски со хорот „Херувими“ уште од неговото формирање во 2013 година. Од репертоарот на ансамблот, композиторот се определува за три псалми од македонски црковно-музички дејци напишани во духот на византиската традиција: „Богородичен тропар“ и „Достојно ест“ од Јоан Хармосин-Охридски (1829-1890), и „Отца и сина“ од Манасиј поп Тодоров (1856-1938). Врз овие три духовни напеви кои од византиската на европската нотација ги транскрибираа Јане Коџабашија и Мирјана Павловска – Шулајковска, авторот создава оригинална партитура во која оркестарот го надополнува молитвеното пригласување на хорскиот вокал.

Концертот за кларинет и оркестар е напишан 2005 година, веднаш по завршувањето на вториот „Прелудиум“ за оркестар. Овие две композиции имаат многу допирни точки. Најочигледните сличности се инспирацијата од македонскиот музички фолклор, модалните основи на хармонскиот јазик, влијанието од американските минималисти (пред сè, Стив Рајх), фокусот кон удиралките со дефиниран звук (маримба, вибрафон) како и вклучувањето на харфата, пијаното и челестата како важни делници во склоп на оркестарскиот ансамбл. Првиот став има минималистички тенденции, но исто така се фокусира на дијалогот помеѓу соло кларинетот и харфата. Овие два инструменти совршено се надополнуваат, и овој став е близу до двоен концерт, во смисла на ангажманот на харфата како креатор на ефект на ехо, во однос на солистичката мелодија. Вториот став е создаден врз основа на монолог, кој постепено преминува во кантилена. Иако не се реботи за цитат од фолклорен мотив, присуството на мелодискиот, ритмичкиот и модалниот карактер на македонскиот фолклор е очигледен. Пијаното на моменти се одвојува од оркестарската придружба како значаен протагонист, слично како харфата во првиот став. Третиот став е омаж на Стив Рајх и прекрасното дело „Њујорк контрапункт“ за соло кларинет и снимени кларинетски делници. Соло кларинетот во овој став изронува од таписеријата на оркестарски звуци и, наместо да биде натпревар, комуникацијата помеѓу солистот и оркестарот повеќе наликува на надополнување.

Концертот за виолина и оркестар е напишан во 2016 година и е посветен на младиот виртуоз Александар Иванов. Четирите става на концертот меѓусебно контрастираат по темпо, карактер и тоналност. Пишуван е под влијание на познати виолонски концерти од периодот на романтизмот и дваесеттиот век кои се дел од железниот репертоар на виолинистите, и истиот се темели врз традиционални техники на музичка разработка. Првиот став е обликуван во рамките на традиционалната сонатна форма со изложување на два тематски материјали кои се обединети во репризата на ставот. Вториот став по форма е скерцо со триделна форма кој со својот енергичен карактер, брзо темпо и метрика контрастира на првиот став. Третиот, бавен став има полифонизирана фактура во гудачкиот корпус и мелодија со лирски карактер која ја донесува виолината. Каденцата која ги поврзува третиот и четвртиот став го антиципира тематскиот материјал од последниот став на делото. Во финалниот, четврти став на делото преовладува старичен карактер и истиот наликува на пародија на марш. Сите четири става во делото тематски се поврзани преку единствен мотив од првиот став, кој во различни варијанти и разработки е низ целото музички ткиво.

Формирањето на Камерниот хор „Херувими“ беше поттикнато од истражувањата на византиската музичка традиција на територијата на Македонија, како и од конституирањето на  Катедрата за византолошки науки при универзитетот „Евро – Балкан“ од Скопје во 2013 год. На репертоарот на хорот во најголема мера се застапени творби од македонски музички творци кои дејствувале во периодот на Националната преродба, како што се: Димитар Златанов – Градоборски, Калистрат Зографски, Јоан Хармосин – Охридски, Андон Шахпаски, Манасиј поп Тодоров, Васил Иванов Бојаџиев и др. Камерниот хор „Херувими“ досега има реализирано поголем број концертни настапи на разни домашни и меѓународни манифестации, како што се: симпозиумот „Денови на Јустинијан први“, „Демирхисарско културно лето“ – 1000 години од постоењето на манастирот „Св. Јован Претеча“, „Чествување во чест на Блаже Конески“, „Светскиот ден на поезијата“, „Светска меѓурелигиска конференција“ и др. Особено значајно е учеството на фестивалот „Охридско лето 2016“, каде хорот настапи во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија, потоа и заедничкиот настап со оркестарот на Македонската опера и балет во Битола, по повод 25-годишнината од осамостојувањето на Р. Македонија, како и настапот на Свечената академија на Македонската академија на науките и уметностите во Охрид, по повод 1100-годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски. Овој хор е активен носител на програмата на Школата по црковно пеење од византиската традиција „Андон Шахпски“, која од 2014 година во летниот период се одржува во Берово. Концертната дејност на хорот „Херувими“ преку која повторно оживуваат творбите од бројните ракописи и печатени книги на црковно пеење од словенско-византиската традиција настанати на територијата на Македонија, претставува значаен придонес кон зачувувањето и афирмирањето на црковното пеење како непроценливо национално културно наследство.

Игор Иванов дипломира на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија, во класата на професор Штефан Шилинг. Во текот на студиите соработува со октетот „Стравински“, со кого во октомври 2005 година реализира аудио издание поддржано од Австриската радио-телевизија. За време на магистерските студии на истата институција како студент на размена посетува посетува часови на Факултетот на уметности во Цирих (Zürcher Hochschule der Künste), во класата на проф. Матиас Милер. За време на престојот во Австрија Иванов се стекнува со богати искуства како соло и камерен музичар, а постојано се надоградува и на семинари, натпревари и мастер класови кај познати светски кларинетисти, како Карл Лајстер, Венцел Фухс, Стенли Дракер, Џонатан Колер, Антонио Сајоте, Роберт Спринг, Мартин Шпанберг. Како оркестарски музичар соработувал со Symphonisches Orchester der Kunst Universität Graz, Bläßerphilharmonie der stadt Graz, Europien Master Orchester Wien, Wiener Walzer Philharmonie, Wiener Klang Sinfonieta, со кои настапувал на концертните и фестивалските подиуми во Австрија, Швајцарија, Белгија, Луксембург, Кина, Хрватска. Во неговиот концертен репертоар, покрај стандардниот, класичен репертоар за кларинет, значајно место зазема и современата музика. Освен соработката со Камерниот ансамбл за нова музика Klang Forum Wien од Виена, Иванов е повеќегодишен член на Ансамблот за современа музика „Контемпора“. Од 2012 година живее во Македонија, каде работи како втор кларинетист во оркестарот на Македонската опера и балет.

Александар Иванов, најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, е роден во 2000 година година во Скопје, во познато музичко семејство. Виолина започнува да учи на седумгодишна возраст. Во моментов е на студии во Виена, Австрија, а своето образование во септември оваа година ќе го продолжи на реномираниот Кралски музички колеџ во Лондон. Иванов посетува бројни мастер класи  кај еминентни виолинисти,  Вадим Репин, Стефан Миленковиќ, Луис Каплан, Роман Симовиќ, Светлин Русев, Михаил Готсдинер, Игор Петрушевски, Надја Неволович, Кшиштоф Венџин,  Јоси Зивони и Леонид Кербел. На деветгодишна возраст тој освојува прва награда на Меѓународниот конкурс за виолина во Аранѓеловац, Србија и на Државниот музички натпревар во Скопје, после што се здобива со повеќе први награди по виолина и солфеж. Во 2013 година, Александар е награден со втора, односно трета награда на реномирани меѓународни виолински конкурси во Србија и Бугарија. Во март 2014 година меѓународниот фестивал  „Открита Европа – Открита планета“ во Москва, во категоријата соло виолина се стекнува со признанието Лауреат од втор степен. Во 2015 година на Интернационалниот натпревар по виолина „Сребрен камертон”  во Санкт Петербург, Русија ја освојува наградата Лауреат од прв степен. На првиот меѓународен конкурс Danube Concerto Masterclass and Competition со Danube Symphony Orchestra кој се одржа во Будимпешта во 2016 година, Иванов ја освојува Специјалната награда од оркестарот и маестро Андрас Деак. Во октомври 2017 година на Меѓународниот конкурс за виолина во Осака, Јапонија ја освојува четвртата награда. Последните години постојано активно е присутен на концертната сцена во Македонија, настапувајќи како солист со камерниот ансамбл Arco, со Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, на фестивалот Violin Fest, на манифестацијата „Денови на македонска музика“ и на многу други. Паралелно во Виена е активен учесник во тамошниот концертен живот, како солист и камерен музичар, а успешно ја претставува Македонија и на концерните и фестивалските подиуми во други земји (како солист со Danube Symphony Orchestra, со оркестарот на Classic FM радио, на фестивалите Allegro Vivo и Европскиот музички фестивал). Александар Иванов свири и на пијано, а на Државниот натпревар во 2016 година во Скопје ја освојува првата награда и во оваа категорија.

Влезниците по цена од 100 ден. можат да се набават на билетарницата на Македонската филхармонија.

Извор: СОКОМ 



Врати се горе ↑