Концерт

5 декември, 2017

Свечен концерт по повод денот на основањето на ФМУ – Скопје

Факултетот за музичка уметност – Скопје е јавна високообразовна установа во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која преку својата високообразовна дејност директно влијае врз развојот на македонската култура и уметност. Почнувајќи од 1966 година оваа институција, покрај високообразовната, врши и научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност. Денес Факултетот има 5 катедри, но и студиски програми за постдипломски студии. Во текот на изминативе години од Факултетот за музичка уметност излегле над 2.000 дипломирани студенти, над 400 магистранти и дваесетина докторанти.

24067954_326754741066375_3633724641952132035_n

Традиционалниот концерт, кој се одржува секоја година на 6 декември, е посветен на денот на основањето на факултетот. Оваа среда, студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе приредат впечатлив настан со атрактивна програма составена од ремек-делата на класичниот музички репертоар. За првпат тие ќе настапат во големата сала на новата зграда на Македонската Филхармонија.

Симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ под диригентската палка на проф. м-р Сашо Татарчевски ќе изведат значајни дела од великаните на музичката уметност: Увертирата за операта „Сицилијански вечери“ од Џузепе Верди, прочуената Симфонија бр. 8 „Недовршена“ од Франц Шуберт и брилијантните „Половецки танци“ од операта „Кнез Игор“ од Александар Бородин.

Почетокот на концертот е во 20 часот и влезот е слободен.



Врати се горе ↑