Свет

6 март, 2018

„Свадбата на Фигаро“ изгласана за најдобра опера

„Свадбата на Фигаро“ е изгласана за најдобра опера што е некогаш напишана. Оваа опера од Моцарт ја избраа повеќе од 172 светски оперски пејачи, меѓу кои и познатиот Пласидо Доминго, сопраните Кири Те Канава и Рене Флеминг и бас-баритонот Брин Терфел.

Моцартовата опера доби двојно повеќе гласови од Пучиниевата „Боеми“, која е на второто место. Напишана во 1786 година, само за шест недели, „Свадбата на Фигаро“ имала пет изведби по премиерата и досега е една од најизведуваните опери во историјата.

Пејачите што гласаа за оваа опера велат дека ја одбрале заради возбудливата приказна, музиката и богатото портретирање на хуманоста. „’Свадбата на Фигаро’ е совршен портрет на човештвото. Без оглед колку пати пеам во оваа опера, секогаш сум комплетно воодушевена колку малку се смениле луѓето од времето на Моцарт во однос на врските и интригите“, вели Рене Флеминг.

Според сопранистката Фелисити Лот, Моцартовата опера сублимира фантастични карактери, додека според бас-баритонот Џералд Финли, ова дело е учебник за пејачите, особено улогите на Грофот, Сузана и Фигаро. Истражувањето покажа дека Моцартовите опери се доста популарни меѓу пејачите, а меѓу најдобрите 20 се најде и „Дон Џовани“. И Пучини се најде двапати на топ 20 листата што ја направија оперските пејачи во светот – со „Боеми“ на второто место и „Тоска“ на шестото.

На топ-листата се наоѓаат оперски дела напишани откога постои операта, а интересно е што во овој избор се најде и „Питер Грајмс“ на Бенџамин Бритн на петтото место, а на четвртото место е „Воцек“ на Албан Берг. Десет од пејачите што учествуваа во анкетирањето номинираа опера напишана во последните 30 години.

Извор и фотографија: Нова Македонија



Врати се горе ↑