Концерт suzana

16 февруари, 2016

Сузана Спасовска со концерт ќе одбележи 30 години на сцената

Примадоната на македонската музика, Сузана Спасовска, на 4 март, во Македонската опера и балет, ќе одржи јубилеен концерт со кој ќе одбележи три децении на естрадата. Концертниот музички времеплов е под мотото „Триесет години музика, 30 години сцена, 30 години за Македонија“, во чии рамки пред публиката ќе бидат изведени највпечатливите песни во кариерата на најголемата домашна фолк-икона.

Фолк-спектаклот ќе претставува интересно музичко патување низ кариерата на Спасовска, која ќе ја потсети публиката на своите музички почетоци, но и на големите хитови.

 

Истовремено, таа останува доследна на својата естрадна уникатност, при што ќе приреди и специјални музички изненадувања за публиката. На јубилејниот концерт на сцената заедно со Сузана Спасовска ќе се појават нејзините најблиски соработници и пријатели во изминатите години и тоа: групата „Академци“ зајакната со повеќе инструменталисти како носител на целовечерниот музички дел, потоа камерен оркестар за неколку композиции, додека специјални гости ќе бидат – Зоран Џорлев, Милан Завков, Сашо Ливрински, Тодор Трајчевски, Гоце Џуклески, Мишо Талески, вокалната група на националниот ансамбл „Танец“.

Концертот е во организација на „Роса продукција“ и е поддржан од Министерството за култура, како и од пријатели и од почитувачи на музичкото дело на Сузана. Влезниците се пуштени во продажба на билетарницата во Универзалната сала и во салонот на „Југотон“ во ГТЦ-Скопје.

 



Врати се горе ↑