Свет SB-EP

15 септември, 2013

Сузан Бојл ќе сними дует со Елвис Пресли

Шкотската пејачка која светот ја запозна по нејзиното учество во британскиот музички натпревар „Британија има талент“ во 2009 година, Сузан Бојл ќе сними нова верзија на божиќната песна „Oh Come All Ye Faithful“ и тоа во дует со гласот на легендарниот Елвис Пресли, а нумерата ќе биде дел од новиот албум кој пејачката го подготвува за божиќните празници. Веста ја потврди и самата Сузан преку нејзината Фејсбук страница.

Оваа постхумна соработка ќе биде прва која воопшто ја снимил некој британски изведувач по неговата смрт во 1977 година, но не и прва во историјата: до сега на ист начин со Пресли запеале и Френк Синатра и Селин Дион. Британскиот таблоид The Sun пренесува дека за овој потфат Бојл добила дозвола од семејството на починатиот пејач, а како што се наведува во текстот „поранешната сопруга на Елвис, Присила лично побарала од Сузан да објасни зошто токму нејзе треба да ѝ припадне оваа чест, на што пејачката емотивно одговорила дека тој имал големо значење за нејзиното семејство и му бил идол на нејзиниот татко.“ Веројатно овој одговор ги задоволил критериумите на Присила и проектот добил зелено светло. 

Неодамна е објавено и дека за прв пат ќе биде објавена колекција од неговите снимки од студиото Stax Records, а изданието составено од 3 ЦД-а под насловот „Elvis at Stax: Deluxe Edition“ ќе претстави до сега необјавени снимки и ретки фотографии направени токму за време на двете снимања во 1973 година, од кои подоцна настанале три одделни албуми.

 

Извор: NME.com



Врати се горе ↑