Македонија 2zi7qs4

3 декември, 2012

Суперхикс го превртеа Скопје наопаку

„Таксират Позитивниот концерт“ кој се одржа во саботата, на најдобар начин покажа дека токму Суперхикс ја имаат најпозитивната публика, дека се меѓу малкуте македонски бендови кои можат да ја преполнат „Метрополис Арена“ на солистички концерт и дека имаат неверојатна поврзаност со своите фанови кои знаат како да го превртат Скопје наопаку. Повеќе од 5.000 фанови беа дел од славеничката Хикси фешта која не стивна сѐ до утринските часови.

Грандиозната забава на Суперхикс беше финално одбележување на славеничката година, но и прекрасна завршница на сите активности кои бендот ги покрена пред концертот. Фештата започна уште со настапите на младите бендови „Молокаи“ и „Чарли Хит“, за потоа еуфоријата да го достигне врвот кога Хикси до сцената се довозеа на мотоцикл-приколка и повеќе од два часа не дозволија да стивне вжештената атмосфера во публиката. На концертот на Суперхикс лудилото не беше само во фан пит, туку буквално сите кои завчера присуствуваа на големиот позитивен концерт, се забавуваа со ист жар. Од оние во првите, па сѐ до луѓето во најодалечените редови; од првата , па до последната отсвирена песна. Немаше ниту еден во разиграната публика кој не беше вклучен во едногласното пеење, овациите, скокањето и комплетно лудата забава. Ако мора да се одвојат најенергичната и највпечатливата слика на вечерта, тогаш тоа би била најголемата „шутка“ до сега на „На лута рана“ и заедничкиот скок на петилјадната публика за време на песната „Африка“.  Ова е дефинитивно состав кој е исклучително близок со својата публика, а кога ги гледате сите заедно од страна, јасно ви е дека момците на сцената и илјадниците пред неа комуницираат на свој уникатен и неодоливо позитивен начин.
Суперхикс е од оние бендови кои не само што добро снимаат, туку нивниот вистински карактер го дознаваш за време на нивниот настап во живо. Музички одлично подготвени, „стегнат“ звук и уиграност на членовите, фронтмен (ова условно кажано) кој ни за миг не ја остава публиката без внимание, пријатели кои совршено се вклопуваат во банда инструментале лудилото, и конечно, огромна фан база која безрезервно ја споделува Хикси енергијата – Суперхикс се музички полнолетни од секој аспект.
А како што и самите изјавија, овој концерт беше финале на сите досегашни достигнувања, последен испит пред креативното полнолетство и последен концерт пред “крајот на светот“. Доколку Маите се сепак во право, после сета онаа позитивна енергија која завчера го преврте Скопје, не чудете се ако единствено Скопје преживее после 21.12.2012 и бидете сигурни: допрва нѐ очекуваат уште поголеми возбудувања кога се Хикси во прашање.
Со концертот на Суперхикс заврши и off-програмата на „Таксират 14“. На „таксиратџии“ им остануваат уште неколку дена пред конечното четиринаесетто  финале, кое според комбинацијата на артистите кои ќе настапат, има потенцијал да биде најлудото издание на фестивалот до сега. „Таксират“ е подготвен да не ја изневери својата максима и доаѓа во формација која и тоа како има нерв да предизвика незаборавни искуства, а „ТАКСИРАТ“ да продолжи како значаен момент во изградбата на ново музичко Скопје, особено преку револуционерите на контра-културата. Главната фестивалска вечер ќе се одржи во сабота, 8. декември, во „Метрополис Арена“, а својот настап на „ТАКСИРАТ 14“ го потврдија: најдобриот „лајв“ бенд годинава според списанието „Метал Хамер“ – СКИНДРЕД, панк-ска бунтовниците ЧЕ СУДАКА, култната македонска рап унија ЧИСТА ОКОЛИНА, влијателната реге-икона ТАЊА СТИВЕНС, таткото на електро-свингот ПАРОВ СТЕЛАР, еминентниот виртуоз на балканската електро-сцена КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ и регионалните рок херои ВАН ГОГ. Артисти кои се гаранција за исклучителни настапи во живо и луда концертна атмосфера.
Не заборавајте дека билетите за финалната „Таксират“ вечер ќе чинат 450 денари само до 5ти декември. Потоа истите ќе бидат достапни по 600 денари во претпродажба и 750 денари на денот на фестивалот. Влезниците за „ТАКСИРАТ“ можете да ги најдете во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс.


Врати се горе ↑