Македонија 2

13 октомври, 2013

Струмичанката Александра Јанева е победник на „Макфест 2013“

Финалето на 28. издание на фестивалот „Макфест“ се одржа синоќа на добро познатата локација – Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, каде што по втор пат беа изведени 18 композиции кои успеаја да се пласираат од 24-те претставени на првата полуфинална вечер, а веќе е познато името на девојката која годинава ја понесе титулата победник на „Макфест 2013“.

Станува збор за младата струмичанка Александра Јанева, која полека но сигурно ја освојува македонската публика. Нејзиниот глас се слушна и во проектот „Сите наши песни“ кој се емитуваше на МРТ, а со песната „Не ме допирај“ вклучи нов „Аларм“ во Македонија. Јанева која е студентка на Стоматолошкиот факултет во Скопје, годинава за прв пат запеа на макфестовската сцена, а благодарение на композицијата „Врати ми го сонцето“, потпишана од Ристо Самарџиев (музика и текст) и Владимир Дојчиновски (аранжман), освои најголем број на гласови и се закити со златна статуетка и парична награда од 70 000 денари, како и награда за најдобра интерпретација.

 

Годинава сите награди им припаднаа на дебитанти. Втората награда ја освои Марија Бунда, која се претстави со композицијата „Не ме познаваш“, додека третопласиран е младиот кумановец Мартинијан Кириловски со темата „Како да те украдам“. Најслушана песна помеѓу двата фестивали е минатогодишниот хит на Тамара Тодевска, баладата „Готово е“ потпишана од Роберт Билбилов и Игор Џамбазов.

фото: Телеграф.мк



Врати се горе ↑