19 јануари, 2015

„Стрејт Мики енд д бојз“ снимија видео запис за „Црв“

После видео записот за песната „Pill“ и „Live @ Digimedia“, кој ги пласираше во регионалниот етер, белградскиот состав „Стрејт Мики енд д бојз“ (Straight Mickey and the Boyz) го објави видео записот за долгоочекуваниот сингл „Црв“. Бендот, кој со години важи за „рокенрол цунами“, експлозивната тројка, која и без официјално издание се етаблираше како еден од најдобрите бендови во живо на Балканот, „Стрејт Мики енд д бојз“ со синглот „Црв“ го најавува своето деби издание, кое ќе биде објавено дигитално, но и на винил.

Полнокрвниот сиров рокенрол, кој се слуша во песната „Црв“ и се гледа во секој кадар од новиот видео запис на бендот, во три минути ја сумира енергијата на „Стрејт Мики енд д бојз“, а која публиката потполно може да ја почувствува само на настапите во живо: „Овие и останатите песни, кои ќе се најдат на албумот, ги снимавме во Ријека, кај Матеј Зец. Се трудевме енергијата од свирењето во живо да ја пренесеме на снимката, со што помалку интервенции и постпродукција. ’Црв’ како прв сингл се издвои многу едноставно: прв е на плочата и ја отвора целата приказна“, изјави Стрејт Мики.

Албумот првенец на групата „Стрејт Мики енд д бојз“ ќе биде објавен во следните месец дена под етикетата на „Одличан хрчак“, а винил изданието се очекува на пролет, кога бендот ќе замине на промотивна турнеја низ регионот.

„Црв“ е достапен за преслушување на сервисот „Дизер“, а видео записот Ве очекува горе.



Врати се горе ↑