Концерт 560z255_steven_seagal_560x255_home

17 април, 2014

Стивен Сигал со концерт во Белград

Легендата на акционите филмови, Стивен Сигал со својот блуз бенд на 24 јуни ќе настапи во Сава центарот во Белград. Љубовта за блузот ја негува од детството, а многумина би се изненадиле од фактот што тој се занимава со музика многу подолго отколку со глума. Првата гитара ја добил во својата 12-та година и оттогаш без престан свири блуз. Свирењето го усовршувал со години, а љубовта за музицирање ја делел свирејќи со највлијателните блуз легенди како што се Би Би Кинг, Бо Дидли, Џон Ли Хокер, Кларенс Браун и други.

Сопственикот на црн појас за седми дан и аикидо мајстор го објавил својот прв албум „Songs From The Crystal Cave“ во 2005 година комбинирајќи блуз, поп, џез и реге, а усната хармоника ја отсвирел легендарниот Стиви Вондер. Албумот бил меѓу најпродаваните на европскиот пазар. Во следното издание „Mojo Priest“ од 2007 година останал верен на блузот, а критичарите го прогласиле за еден од најдобрите блуз албуми за таа година, издание во кое неговата умешност се прикажува во вистинско светло. Неговиот вроден талент и посветеност на блузот доаѓа до израз во музиката која ја пишува и свири. Дури и легендарниот Би Би Кинг рекол: „Стивен е одличен гитарист.“

Малкумина знаат дека Сигал поседува една од најголемите колекции на блуз гитари во светот. Тој во моментов работи на својот трет албум, но пред тоа, во јуни и јули, одлучил да направи турнеја низ Европа, а неговиот пат ќе се најде и Белград. Овој концерт е единствена можност да се види ѕвездата која до сега снимила преку 40 филмови, две големи телевизиски серии, поседува црн појас за седми дан и Шихан во аикидо, но овој пат во улога во која до сега не сте го виделе – со гитара и позади микрофон!

Влезниците за овој концерт ќе бидат пуштени во продажба наскоро, а во престојната концертна сезона на Комбанк Арената во Белград се закажани и настапи на легендарниот Том Џонс (15 јуни), светската сензација Ил Диво (29 септември), канадската ѕвезда Мајкл Бубле (1 ноември) и џез музичарот Џон Меклафлин (6 ноември). Повеќе информации можете да најдете на страната на Комбанк Арена.

 Фотографија: www.kombankarena.com


Врати се горе ↑