Аудио sting-2013-650-430

25 септември, 2013

Стинг има нов албум

61-годишниот британски музичар Гордон Томас, познат како Стинг, деновиве го претстави својот единаесетти студиски албум насловен „The Last Ship“. По „Sacred Love“ од 2003 година, музичарот издаде уште три студиски албуми, меѓу кои еден со ренесансни, еден со божиќни песни и еден со оркестарски изведби на неговите постари хитови, така што новото издание е прво со нов оригинален материјал после десет години.

„The Last Ship“ е инспириран од претстојниот истоимен мјузикл на Стинг, кој својата премиера ќе ја доживее на Бродвеј следната година. Темата на целиот проект е инспирирана од пропаѓањето на бродоградилиштето во родниот град на музичарот, Волсенд во близина на Њукасл, северна Англија. Музичарот се присетува на времето кога израснал во близина на бродоградилиштето: „Израснав во едно надреално индустриско опкужување кое сè уште е присутно во моите соништа, но и во моите кошмари. Гледав како се подигнуваа бродовите и има нешто страшно, апокалиптично и прогонувачко во врска со тој настан што никогаш не те напушта.“ 

„Албумот претставува сиров материјал од којшто е создадена и самата престава. Се надевам дека ќе може да опстои и самостојно без наративниот дел што ја поврзува претставата.“ – изјави Стинг за новото издание, на кое гостуваат и неколку негови колеги, меѓу кои Брајан Џонсон од AC/DC и британскиот актер и пејач Џими Неил, а музичкиот стил на темите е сосема различен од она што сме навикнале да слушаме од него: „Сакав музиката да биде одраз на традиционалната музика во северо-источна Англија, местото каде што израснав.“ 

Првиот сингл кој го најави ова издание е темата „Practical Arrangement“, кој можете да го слушнете во продолжение, а потоа слушнете како звучи целиот албум во скратена верзија.

 

 



Врати се горе ↑