Концерт

29 мај, 2017

Стинг доаѓа во Скопје!

„Авалон продукција“ со големо задоволство информира дека на Македонија ќе и` се случи најголемиот концерт во нејзината досегашна историја! Во рамките на големата светска турнеја „57th & 9th“ по повод истоимениот албум, на 15 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, концерт ќе одржи едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња – СТИНГ!

Стинг заедно со „Ролинг стоунс“, Брус Спрингстин, „Ју-ту“, „Депеш моуд“, „Колдплеј“… е претставник на таканаречената А листа на артисти од областа на рок музиката. Музичарот е веќе на промотивна светска турнеја од февруари годинава, во која ги опфаќа сите континенти. Дел од летото му е резервирано за Европа, а на почетокот на септември настапува во Јужна Америка, додека во Европа повторно се враќа со серија на концерти од средината на септември до крајот на октомври.

На оваа турнеја, Стинг свири неколку песни од навистина извонредниот нов албум, како и најголемите хитови од неговата соло кариера: „Fragile“, „Desert Rose“, „Fields of Gold“…, како и од времето на легендарната група „Полис“ (The Police): „Message in the bottle“, „Walking on the moon“, „Every breath you take“

18700146_1674415419253145_4853295632882261374_n

Неговиот придружен состав е како и секогаш со најпознати и најквалитетни светски музичари: Доминик Милер (гитара), Џош Фриз (тапани), Руфус Милер (гитара). Kако специјален гостин во Скопје, како и на целата турнеја, со свое шоу пред настапот на Стинг, ќе настапи и Џо Самнер (Joe Sumner).

Инаку, „Авалон продукција“ го потврди концертот на Стинг во Скопје на 5 мај, а според инструкциите на менаџментот на Стинг, како ден за објава на ова шоу е одбран токму денешниот ден. Сите информации поврзани околу продажбата на влезниците за овој навистина голем настан ќе бидат објавени вечерва во 20 часот.

После повеќе од 200 концерти низ целиот Балкан, посебно нè радува фактот што сепак, врвот во досегашната работа на „Авалон продукција“ ќе претставува концерт на СТИНГ на 15 октомври во нашата држава Македонија, во Скопје, велат од продукцијата.



Врати се горе ↑