Македонија

13 март, 2018

„Стил темпл“ концертно ќе го промовира албумот на „Рок-фест“

Скопската хевиметал-група „Стил темпл“ (Steel Temple) е првиот потврден изведувач што ќе настапи на 31. издание на „Рок-фест“, кое ќе се одржи кон крајот на април во Младинскиот културен центар во Скопје. Бендот ќе свири на 28 април, во ревијалниот дел од фестивалот, каде што, освен нив, ќе има уште неколку групи што ќе придонесат за зголемување на возбудата на втората вечер на „Рок-фест“.

„Стил темпл“ во оваа пригода концертно ќе го промовира својот втор албум, насловен „Nobody’s Slaves“. Иако албумот е објавен поодамна, сепак ова ќе биде официјална промоција, но не само на музиката туку и на винилното издание на „Nobody’s Slaves“, кое излегува под етикетата на швајцарско-српската издавачка куќа „Мајнер рекордс“. Со ова „Стил темпл“ ќе добие втор носач на звук за овој албум, откако првенствено тој излезе на цеде.

„Драго ни е што издавањето на винилската плоча од албумот ’Nobody’s Slaves’ ќе го промовираме токму на ’Рок-фест’, затоа што тоа е манифестацијата каде што ги направивме нашите први музички чекори и каде што имаме свирено во неколку наврати, и како натпреварувачи и како гости. Иако албумот ’Nobody’s Slaves’ го објавивме пред повеќе од една година, сепак ова е одлична шанса за нас да го отсвириме материјалот и на посетителите и нашите обожаватели да им го претставиме и понудиме винилното издание. Со овој концерт не само што го промовираме албумот туку ја одбележуваме и 18-годишнината од нашето оформување“, рече Урош Вељковиќ, тапанарот на бендот.

Настапот на „Стил темпл“ практично ќе биде целовечерен концерт, кој ќе трае повеќе од еден час, каде што, покрај песните од „Nobody’s Slaves“, тие ќе отсвират и некои од нивниот прв албум, а не е исклучена можноста и за дополнителни изненадувања на сцената.

Групата „Стил темпл“ е оформена во 2000 година, а својот деби-албум, насловен „Барајќи го спасот“, го објави во 2004 година. Во текот на годините бендот претрпе неколку персонални промени, но сега групата ја сочинуваат пејачот Филип Филиповски, клавијатуристот Дарко Поповски, басистот Маријан Петровски, тапанарот Урош Вељковиќ и гитаристот Адриан Петров, кој дојде на местото на оригиналниот гитарист Дениз Адил, кој ги снимаше гитарските делници и на двата албума на групата. Во својата кариера, „Стил темпл“ има одржано голем број концерти и клупски свирки, а ја има делено сцената и со повеќе славни светски бендови, како „Вајтснејк“, „Џудаст прист“, „Халовин“ и други.

Уште еден новитет поврзан со бендот е и албумот во живо „Live in Belgrade Arena“, кој е снимен за време на нивниот настап во арената „Комбанк“ во 2015 година, кога беа специјални гости на концертот на „Џудас прист“ и „Хелоуин“.

NEW LIVE ALBUM ON THE WAY… some great news coming your way fans and friends… Our new LIVE IN BELGRADE ARENA album…

Posted by Steel Temple on Dienstag, 27. Februar 2018

Пријавувањето сè уште е во тек

Конкурсот за пријавување во натпреварувачкиот дел на „Рок-фест“ сѐ уште трае и ќе биде отворен до 1 април, а досега веќе се пристигнати десетина пријави од групи од цела Македонија. Сите заинтересирани групи, без разлика на музичкиот стил што го свират, може да се пријават на rockfest.mk@gmail.com. Пријавата треба да содржи име на бендот, стил на музиката што ја свири, кратка биографија на групата, имиња на членовите, фотографија, контакт-телефон, е-адреса, фејсбук-страница или веб-страница и, секако, снимки од најмалку три авторски песни. Не е задолжително снимката да биде професионална, таа може да биде и демо-снимка.

Извор: Нова Македонија / фотографија: Мартин Филиповски



Врати се горе ↑