Балкан trigger

12 ноември, 2015

Стигна „Времето на чудата“ – новиот албум на „Тригер“

Стигна „Време чуда“! Неодамна најавено, новото цеде на српската група „Тригер“ конечно е објавено под етикетата „Одличан хрчак“, а бендот наскоро заминува на концертна промоција на овој долгоочекуван албум!

Албумот „Време чуда“ е сниман речиси три години, а во меѓувреме беа објавени неколку синглови, така што публиката веќе имаше можност да се запознае со новиот, поагресивен гитарски звук на овој белградски бенд. Како гости на изданието се појавуваат колеги и пријатели на бендот кои се потрудија на музиката да ѝ дадат дополнителна димензија: Милутин Јованчиќ, фронтмен на групата „Човек вук“ и некогашниот култен состав „Блок аут“, гитарскиот виртуоз Емир Хот и Марко Матијевиќ од хрватската група „Мантра“ се само дел од нив.

Изданието со симболичен дизајн, на чија надворешна страна во локва крв лежи јадица, а на внатрешната стои слика на човеколика риба што умира, облечена во костим со вратоврска, опкружена со крвави пари, преку својата лирика и звук ја раскажува приказната за „Времето на чудата“ – саркастично именуваната денешница, како во Србија, така и глобално. Каков живот очекуваат оние кои што се откажале од својата човечност и продолжуваат да живеат во општество во кое вредностите се такви што ја хранат само примитивната, робовска психологија во поединецот?

„Дали би купил душа?“ е прашањето кое на човекот од новото доба му го поставуваат стиховите од албумот, каде што зборот е симболична замена за куршум, наменет за политичките и економските вампири, луѓето што ја жртвуваат својата човечност за да се искачат повисоко на општествената скала: „Како куршум лета зборот, а раните се од вистината, сакаше да го живееш сонот, сега сонувај закопан.“

За еволуцијата на својот звук и што да очекуваат слушателите од новото издание, членовите на „Тригер“ велат: „Овие се времиња во кои посуптилната, слоевита уметност е игнорирана, па дури и исмевана. Да се биде нормален и чесен е непожелно и досадно. Тонот на нашиот нов албум делумно е и реакција на непрекинатиот надолен пат на ова општество, но и на склоноста на музичката публика без никаков критичен став да го конзумира она што ѝ се сервира. Така и нашата музика сега многу подиректно го соопштува она што нè боли нас, но и многу други луѓе. Во текот на снимањето на албумот се поставивме бескомпромисно, без да се оптеретуваме со тоа како луѓето ќе реагираат на него и дали ќе биде широко прифатен. Дозволивме музиката да се материјализира сама. На крајот на краиштата, убаво се вели во изреката: ’Срамота е да бидеш богат во држава во која владее хаос’, а овие зборови лесно можат да се применат и на нашата музичка сцена.“

„Тригер“ од неодамна доби и петти член, а како засилување им дојде гитаристот Божидар Младеновиќ (поранешен член на „Бај-пас“), кој му се придружи на бендот после снимањето на албумот, но ќе им помогне сложениот материјал што подобро да се пренесе во живо!

На албумот „Време чуда“ му претходеше првенчето „Љубав“, за кое составот доби мошне позитивни критики и повеќе награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобар млад бенд според радио „Белград“ и регионалната награда „Индекси“, како и албумот со преработки „Ех“, на којшто „Тригер“ сними невообичаени верзии од новиот бран песни од подрачјето на поранешна Југославија.

Видео записите за песните  Време чуда и Не храни људождере, веќе привлекоа внимание, а музичко видео се подготвува и за песната „Од костију и пепела“, која веднаш по излегувањето на албумот стана хит кај слушателите, па потоа и хит на неделата на радио станицата „Белград 202“. Составот планира да го екранизира и остатокот од песните на албумот, паралелно со концертна промоција на албумот која неодамна започна со концертите во Велика Плана и Ниш, а ќе продолжи и во текот на есента и зимата, па се надеваме дека ќе имаме можност да ги видиме и во Македонија.

 

Време чуда“ достапен е во продавниците за плочи „Пинбол визард рекордс“, во „Далас мјузик шоп“, во „Југотон“, како и музичката куќа „Метрополис“, а може да се порача и директно од групата „Тригер“ преку нивната фан страница на Фејсбук или преку адресата kontakt@bandtrigger.com.

Достапен е и на „Дизер“, како и на сите други релевантни сервиси за дигитална дистрибуција на музика.

„Тригер“ можете да ги следите на:



Врати се горе ↑