5 април, 2017

Стигна видеото за хрватската евровизиска песна

Хрватскиот евровизиски претставник за годинава, популарниот пејач Жак Худек го објави видеото за песната со која ќе ги брани боите на својата земја во Киев. Темата насловена „My Friend“ е авторско дело на самиот Худек, композиторите Синиша Рељиќ и Тони Малм му помогнаа околу музиката и аранжманот, а стиховите заеднички ги потпишува со Инес Прајо, Арјана Кунштек и Фабрицио Лаучела.

Во екранизацијата снимена под режисерската палка на Катја Рестовиќ, покрај Худек се појавуваат и младиот хрватски виолончелист Емануел Павон и професорот по виолина Антун Сташиќ, кои ќе го придружуваат и на сцената во Киев, а како изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

Исто како и нашата претставничка Јана Бурческа, Жак ќе настапи во втората полуфинална вечер, на 11 мај. Песната „My Friend“, која веднаш после објавувањето беше мета на критики дека е плагијат, не бележи некој позначаен успех според обложувалниците, каде што засега се наоѓа на 31. место. Каков успех ќе постигне Хрватска со своето 23. учество на популарниот европски фестивал ќе дознаеме во мај.



Врати се горе ↑