18 декември, 2013

Стигна видео записот за „Чудовиштето“ на Еминем и Ријана

2013-та дефинитивно ќе остане запаметена како година во која многу музички имиња се вратија на сцената, а едно од најуспешните враќања го имаше познатиот американски рапер Еминем, кој на 5-ти ноември го објави својот долгоочекуван осми студиски албум „The Marshall Mathers LP 2“, а го најави си сингловите „Berzerk“, „Survival“, „Rap God“ и повторната соработка со колешката Ријана за темата „The Monster“. Токму овој сингл кој сосема успешно го наследи мега-хитот „Love The Way You Lie“, деновиве доби и свое видео издание, кое се снимаше во родниот град на раперот – Детроит и за чија режија беше задолжен веќе проверениот соработник, режисерот Рич Ли. Како изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

Синглот „The Monster“ се најде на првото место на поголемиот дел од светските топ листи; покрај водечките позиции на британската сингл листа и билбордовата Хот 100 во САД, темата успеа да се искачи и на врвот на американската листа за Р&Б/хип-хоп песни, а зачудувачки е тоа што Еминем за прв пат се појавува на првото место на оваа листа. Песната до сега има достигнато платинест и мултиплатинест сертификат во Австралија, Канада и САД, а веќе собори и неколку светски музички рекорди. Имено, раперот е прв изведувач од 1964 година и групата Битлси, кој успеа во истиот момент да има барем 4 сингла меѓу најдобрите 20 на Хот 100 листата и тоа како главен изведувач. Покрај тоа, Еминем успеа да го изедначи рекордот кој меѓу хип-хоп изведувачите на Хот 100 листата го држеше Диди и сега двајцата го држат првото место со по 5 наслови кои се нашле на чело на оваа листа.

Што се однесува на убавицата од Барбадос, овој сингл е 25-ти по ред кој дебитирал во селекцијата од најдобрите 10 на американската Хот 100 сингл листа, со што го изедначи рекордот кој на таа листа го имал Елвис Пресли, а со 13 „број 1“ сингови на билбордовата Хот 100 листа застана рамо до рамо со Мајкл Џексон, заземајќи ја третата позиција на листата „на сите времиња“. Пред неа и Џексон за сега се само Мараја Кери со 18 и Битлси со 20 „број 1“ синглови.

 



Врати се горе ↑