16 март, 2015

Стигна конечната верзија на евровизиската „Лисја есенски“

Македонската Радио Телевизија денеска ја промовираше англиската верзија на официјалната евровизиска песна „Autumn Leaves“, со којашто Даниел Кајмакоски ќе ја претстави Македонија на 60. јубилејно издание на Изборот за песна на Евровизија во Виена, Австрија. Автор на музиката и текстот на „Autumn Leaves“ е шведскиот композитор Јоаким Персон, а за аранжманот и продукцијата се погрижи македонскиот музички продуцент Роберт Билбилов.

„Ви благодарам, Вам на претставниците на електронските, печатените медиуми и македонските портали коишто несебично, уште на самиов почеток ме поддржувате мене, МРТ, но и целиот проект Евровизија 2015“, им се обрати Даниел на бројните претставници од медиумите, додавајќи: „Искрено верувам во Роберт Билбилов, тој е вистински генијалец и креативен човек, среќен сум што соработувам со него и мислам дека сега песната доби и на емоции, но со една многу подлабока и посуштинска нишка со мојата вистинска приказна.“

Роберт Билбилов, авторот на аранжманот и музички продуцент на македонската евровизиска песна, изрази уверување дека годинава ќе имаме настап на кој сите ќе се гордееме: „Слушајќи го демото од песната, сфатив дека таа може да се доживее на поинаков начин. Секоја песна може да биде и брза и балада, но мора да се погоди сензибилитетот на авторот и што тој сакал да каже со таа песна. Мислам дека не погрешив што мојата креативност ја насочив кон еден нетипичен евровизиски израз. Имав одлична соработка и со авторот на музиката Јоаким Персон. Даниел е одличен соработник, одличен пејач со голема самодоверба и сценски став типичен за големите ѕвезди“, изјави Билбилов.

Истовремено пред претставниците на медиумите беше промовиран и видео запис, преку кој Даниел Кајмакоски на интересен начин ја раскажува приказната на песната. Анимираните цртежи во спотот, којшто го изработи продукцијата „Сторителер“ (Storyteller), претставуваат фрагменти од животот на Кајмакоски поврзани со неговото детство, првата љубов и местото кадешто е роден. Видео записот нема класичен крај, но затоа Даниел ги повикува своите фанови да ги испраќаат нивните визии и да ја довршат започнатата приказна.

Македонската Радио Телевизија продолжува со интензивните активности околу подготовките за сценскиот настап, промотивната турнеја, но и сите обврски коишто како носител на лиценцата „Избор на песна за Евровизија“ ги има кон ЕБУ. Во очекување на конечниот редослед за настап, потсетуваме дека Македонија и Даниел Кајмакоски со песната „Autumn Leaves“ настапува во првата полуфинална вечер, којашто ќе се одржи на 19 мај, во Виена, Австрија.

Извор: МРТ



Врати се горе ↑