12 септември, 2013

Стерео Тип најавија ЕП со видео записот за „Јави се“

Белградската четворка Стерео Тип привршува со работата на ЕП изданието, а како вовед во новиот материјал го претставија видео записот за темата „Јави се“. Песната настанала пред неколку години, но заради одреден сплет на околности не се најде на првиот албум на групата, изданието „Пажња! Пажња!“ од 2010 година. Лидерот на составот, Паја Богдановиќ сметал дека сега е вистинскиот момент за претставување на оваа тема, која иако непланирана, ќе се најде на претстојното ЕП издание.

За реализацијата на видео записот кој се снимаше на белградското „море“, односно Ада Циганлија, заслужна е екипата на Кан и Лингус продукција. Со овој видео сингл, Стерео Тип го најавуваат ЕП изданието насловено „Мој свет“, на кое покрај „Јави се“, ќе се најдат и темите „Кандидат“, повторно снимената „Стереотип“ (која се најде и на албумот „Пажња! Пажња!“), како и „Последњи стих“, песна која настана како плод од соработката со реномираниот писател, новинар и публицист Милан Б. Поповиќ. Интересно е тоа што сите песни ќе добијат и свое видео издание.

Иако ова издание беше првично планирано за пред неколку месеци, членовите на Стерео Тип не беа многу задоволни од тоа како звучеа горенаведените песни, па одлучија да продолжат со работа во студио и сè да доведат до совршенство. Според завршените материјали, сигурно е дека сите оние кои долго го очекуваа ова издание ќе имаат многу причини за задоволство.

„Јави се“ можете да го погледнете горе.

 



Врати се горе ↑