Аудио

30 мај, 2019

„Стејшн: Инермоуст“ ја објави втората соработка со Дерек Шеринијан

Минатата недела скопскиот бенд „Стејшн: Инермоуст“ го промовираше своето првенче „Exposure“, на кое се сместени вкупно пет композиции, меѓу кои најавниот сингл „Dana“ и „Alternate Reality“, а сега на ред дојде и третата тема насловена „Xeno“, воедно и втора соработка со клавијатуристот Дерек Шеринијан.

52-годишниот американски музичар со грчко и ерменско потекло е најпознат како член и основач на бендовите „Дрим тиетр“ (Dream Theatre), „Планет Екс“ (Planet X), „Блек каунти комјунион“ (Black County Communion) и „Санс оф Аполо“ (Sons оf Apollo), а соработувал и со имиња како што се Били Ајдол, Алис Купер, „Кис“, Стив Вај и Џо Бонамаса.

Дерек Шеринијан (фотографија: www.dereksherinian.com)

„Дерек имаше објавено натпревари на неговиот профил на Инстаграм. Требаше да се испратат авторски песни, а победникот добиваше уникатно клавијатурско соло од Дерек лично. Победивме на еден од натпреварите. Во комуникацијата со него, која се одвиваше преку е-пошта, ни имаше напишано дека навистина му се допаѓа музиката што ја правиме, па така остваривме дополнителна соработка и сега го имаме Дерек како гостин на две песни“, раскажа вокалистката, клавијатуристка и предводничка на бендот, Наташа Миха, за тоа како дошло до соработка со Шеринијан.

Заедно со неа, „Стејшн: Инермоуст“ го сочинуваат уште и гитаристите Дамир Пух и Стефан Петановски, басистот Дарко Фотиновски и на тапанарот Дејан Апостоловски. Нивното првенче „Exposure“ е веќе пуштено во продажба во „Пола Југотон“ и онлајн на cdbaby, а како звучи втората соработка со Дерек Шеринијан, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑