Настани ImageProxy

18 април, 2013

Стартува продажбата на “earlybird” влезниците за АКВА ПАРК ФЕСТ

Од денес официјално започна продажбата на влезниците за првото издание на Аква Парк Фест кое го подготвуваме да биде посебно од повеќе аспекти и спакувано како исклучителен дводневен „open-air“ фестивал кој ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај во Пробиштип.

Претпродажбата стартува со „earlybird“ влезниците со кои најбрзите купувачи имаат можност да бидат дел од Аква Парк Фест за специјална промотивна цена. Имено, во оваа понуда достапни се два вида влезници и тоа:

фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

•  еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Овие билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Овој простор од 18.000м2 нуди идеални услови за одржување на масовен музички хепенинг на самото подножје на преубавите Осоговски планини. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо.

Подгответе се за одлична забава со интензивна дневна програма, извонредно искуство со најдоброто од современата музичка сцена и сет листи за целовечерно лудување и многу насмевки.

Од музичката програма на фестивалот веќе се потврдени настапите на ѕвездите од светската денс сцена, MARK KNIGHT – британскиот диџеј и автор на некои од најголемите хитови во последните 10 години и холандската денс атракција SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO, но и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, кој на Аква Парк Фест ќе настапи во придружба на извонредните ТК Вондер (TK Wonder) и Гето Прист (Ghetto Priest). Гаранција за незаборавна фешта ќе бидат момците од нашата најактивна банда инструментале СУПЕРХИКС – бендот кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012; ФОЛТИН и нивниот единствен препознатлив звук кој стана омилен на публиката; еден од најдобрите бендови од Тетово, реге-даб колективот CONQUERING LION; како и регионаните миленици С.А.Р.С., артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти.

Ги потсетуваме сите демо бендови дека во тек е и конкурсот кој им нуди шанса да ја почувствуваат фестивалската атмосфера со настап пред бројна публика. На конкурсот кој е отворен до 24 април, можат да се пријават сите неафирмирани македонски бендови, артисти и диџеи кои свират авторска музика и кои немаат официјално издание за некоја продуцентска куќа.  Пријавувањето се спроведува на и-мејл адресата info@password.mk , на која треба да испратите две авторски песни (во било кој аудио формат), кратка биографија и фотографија од бендот .



Врати се горе ↑