10 јуни, 2015

Српскиот состав „Билборд“ ја претстави брит-поп баладата „Не видим нас“

„Билборд“ е авторски бенд од Белград, Србија, основан во 2012 година под влијание на битанскиот поп-рок и психоделичниот звук, чии текстови се напишани само на српски јазик. Новиот сингл „Не видим нас“ го најавува нивниот деби албум снимен во соработка со продуцентот Каспар Винберг, кој работи со бендот од самиот почеток.

„Со оваа песна навистина се потрудивме да внесеме емоции. Таа е една од првите песни на бендот и долго работевме на неа, имајќи ја предвид неопходноста на длабочината и ширината на звукот, бидејќи тенка е линијата меѓу добриот поп и лигавиот и патетичен звук. Тоа што навистина ме радува е фактот дека станува збор за еден од нашите подобри текстови и благодарен сум за поддршката од бендот во текот на создавањето. Би рекол дека ’Не видим нас“, тогаш кога ја напишав, беше почеток на крајот на една бурна и емотивна врска, и покрај сите обиди да се спаси истата. Напишана е во 2012 година и сега, кога ќе се сетам низ што сè помина бендот за да може да ја отсвири, можам да бидам задоволен“, вели Петар Радовиќ, вокал и текстописец на бендот „Билборд“.

Видео записот за „Не видим нас“ Ве очекува горе, а доколку Ви се допадна песната, можете и бесплатно да ја симнете на сервисот Саундклауд, каде што се достапни и сите песни на бендот. „Билборд“ можете да ги следите и на Фејсбук и Јутјуб.



Врати се горе ↑