9 декември, 2013

Српскиот рок состав Хелм со песна посветена на струјата

Сè попрепознатливото име на српската и регионалната музичка сцена, групата Хелм по првиот официјален сингл „Грешница без лица“, деновиве ја претстави својата нова песна насловена „Струјно коло“. Темата беше објавена заедно со видео запис кој се снимаше за време на нивниот концерт во Прибој во август годинава, а за неговата реализација се заслужни снимателите Горан Рековиќ и Стефан Спајиќ, како и членовите на групата Хелм кои ја потпишуваат монтажата на видео материјалите.

Составот кој годинава го привлече вниманието на јавноста со настапите во завршницата на Зајечарската Гитаријада и белградскиот Демо Фест, деновиве ќе влезе во студио и ќе го сними својот албум првенец. Песната „Струјно коло“ е една од десетте кои ќе се најдат на деби изданието на ова трио од српскиот град Прибој, но и песна која видно се разликува од останатите авторски теми:

„Можете да сакате интернет, телевизија, електрични столици, готвење, телефони, вибратори, ротациони светла, но ништо не Ви вреди ако немате струја. Имајќи предвид дека два наши научници придонесоа кој развојот на струјата и човештвото, редно е струјата конечно да биде опеана во песна.“ – изјави фронтменот на Хелм, Горан Такиќ, а како звучи и изгледа сето тоа можете да видите горе.

 



Врати се горе ↑