Настани 487526_423518701043218_2082932868_n

27 март, 2013

Српскиот бенд Штутгарт онлајн на мини-турнеја низ земјава

Белградското гаражно рок-дуо Штутгарт онлајн во април ќе има мини-турнеја низ Македонија и ќе одржи четири концерти – во Kуманово, Штип, Битола и во Скопје. Вокалот и басист Бојан Слачала и тапанарот Марко Баришиќ повеќепати имаат гостувано во Македонија, а еден од нивните последни настапи беше лани во рамките на фестивалот на нова музика „Здраво, млади“ во Младинскиот културен центар во Скопје. На претстојните концерти ќе промовира нов материјал, но дел од репертоарот ќе бидат и песни од двата студиски албума „Радост сваком домаќинству“ и „Права ствар“. Серијата на свирки дуото ќе ја почне на 4-ти април во барот „Kјуб“ во Kуманово, а следниот ден ќе свири во Домот на млади во Штип. На 6-ти април музичарите ќе бидат во Центарот на културата во Битола и на овој концерт гостин ќе им биде македонското сурф-панк трио Молокаи. Последен на листата е настапот во МKЦ во Скопје каде што сцената ќе ја поделат со Kалчр девелопмент.

Музиката на бендот Слачала ја опишува како прогресивен, енергичен рокенрол со концизна, директна, лесно разбирлива порака која ја погодува срцевината на проблемите на луѓето од овие простори. Штутгарт онлајн постои од 2006 година. Веб-магазинот „Попбокс“ минатата година ги прогласи музичарите за најдобри дебитанти. Нивниот деби-албум „Радост сваком домаќинству“ доби исклучително добри оцени од критичарите од просторот на поранешна Југославија и може бесплатно да се преземе од веб-страницата exitmusic.rs. Во 2012 година го објави „Права ствар“, издание на кое се наоѓаат 11 песни.

Во продолжение слушнете како звучат момците од Штутгарт онлајн.

Извор: Дневник



Врати се горе ↑